Македонија
11. December 2021 - 16:44

Почна проектот за нега во домот во Василево и Ново Село

Сертифицирани негуватели започнаа да ги посетуваат домовите на старите и немоќни лица од општините Василево и Ново Село. Благодарение на нив тие повеќе не се сами, секојдневно добиваат нега и помош во домот. Проектот се реализира како резултат на анализите кои покажале дека во југоисточниот регион се повеќе стари лица живат сами .

Николина Стојкова е дел од првата група од вкупно 14 обучени негуватели. Таа работи на територијата на општина Ново Село каде поради иселувањето на младите во странство, бројот на старите лица кои остануваат сами е се поголем. Во моментов се грижи за три лица на возраст од 73, 85 и 95 години.

Еден од првите кориници на услугата  е 95 годишниот Стојан Коцев, најстариот жител од селото Старо Коњарево. Децата му живеат во странство, а сопругата починала пред пет години и од тогаш живее сам Откако го вклучиле  во проектот животот му се сменил. Секој ден има друштво, а повеќе не треба да се грижи ниту за домашните обврски.

Услугата е  овозможена преку проектот за подобрување на социјалните услуги кој се реализира во соработка помеѓу локалните самоуправи, министерството за труд и социјална политика и црвениот крст. Василево и Ново Село се одбрани бидејќи мапирањето покажало дека во моментов во овие општини има најмногу лица на кои им треба таква помош.

За подобро информирање на граѓаните во рамки на проектот има отворено и две инфо канцеларии  преку кои може да се добијат сите информации за овој тип на помош и начинот на кој ќе може да аплицираат.