Македонија
25. October 2026 - 19:49

Почна реконструкцијата во КБ-Штип по јулското невреме

По неколкумесечно функционирање во отежнати услови, Клиничката болница во Штип започна со санирање на штетите предизвикани од јулското невреме. Реконструкцијата треба да овозможи враќање на нормалните услови за работа во установата, која ги опслужува пациентите од целиот Источен регион.

-Како што можете да видите, веќе се работи на Ургентниот центар. Кровната конструкција е целосно отстранета и за неколку дена треба да биде донесена и поставена новата. Тоа е првата фаза од реконструкцијата, по што во втората фаза ќе следува големата обнова на главната болничка зграда“, изјави Влатко Захариев, директор на КБ – Штип.

Почетокот на градежните работи следуваше по завршувањето на постапката за надзорот и одбивањето на жалбата. Додека трае реконструкцијата, дел од медицинските услуги и натаму се организираат со приспособен распоред, особено таму каде што е неопходна употреба на операционите сали.

-Имаме намален обем на работа на Одделението за ортопедија, каде што ортопедската операциона сала е надвор од функција. Но, направена е одредена организациска промена за да можат да бидат згрижени сите пациенти. Ортопедите работат во хируршката операциона сала, во одредени термини. Еден ден оперираат хирурзите, а следниот ортопедите, за да нема поголем застој во оперативната програма и во третманот на итните случаи,  посочи Захариев.

Јулското невреме остави сериозни последици врз болничката инфраструктура, а оштетувањата го наметнаа и прашањето за безбедноста и непреченото одвивање на здравствените услуги. При откривањето на кровот, дождовницата навлезе во операционата сала, додека делови од конструкцијата паднаа во болничкиот двор. За среќа, немаше повредени лица.