Македонија
9. July 2026 - 16:53

Почна судењето за серискиот убиец од Драгоманце

Морбиден молк, ладнокрвно смеење и поглед кон таванот, вака 25 годишниот овчар Трајче Бојковски обвинет за серија свирепи убиства се појави пред правдата. Драмата во кумановскиот суд настапи од самиот почеток кога обвинетиот сериски убиец одби да си го потврди сопственото име. Ова кај присутните оштетени роднини на жртвите предизвика револт, коментираа дека тој се преправа. По кратка пауза, Бојковски проговори и без воопшто да се замисли негираше вина за сторените дела. 

Обвинителството тврди дека се работи за случај без преседан каде доминантен мотив била некрофилијата, но бруталните детали за убиствата на четирите немоќни жени денеска добија шокантен пресврт. Обвинетиот Трајче Бојковски целосно ја негираше вината по што неговиот адвокат веднаш му го откажа полномошното, па судењето за хоророт во кумановско е одложено за 31 август

Обвинителот Љубомир Лапе го квалификуваше случајот како монструозно дело со кое судот се нема соочено никогаш во Македонија па дури ни во југословенската пракса. Овчарот од Драгоманци убил 4 жени и уште две се обидел да ги убие. Според обвинителството, Бојковски свесно ги избирал жртвите да бидат немоќни, стари и осамени. Со намера да ги задоволи своите полови страсти врз мртви женски тела, влегувал во нивните домови, физички ги напаѓал, удирал и давел па откако ќе ги усмртел врз нив извршувал полови дејствија, рече обвинителот. 

Адвокатот на обвинетиот сериски убиец рече дека се откажува од полномошното да го брани бидејќи обвинетиот одбил да признае вина како што претходно се договориле. Тој не сакаше да открие детали поради кои причини обвинетиот направил ваков потег за да не му наштети во постапката. 

Со оглед дека се работи за притворски предмет судот нема да чека долго по летните одмори, на следното рочиште ќе мора да му биде доделен адвокат по службена должност, а пред судечкиот совет ќе треба да дојдат за да сведочат и двете преживеани жени.

Во вишото јавно обвинителство во Скопје се води постапка и за докторите коишто не знаеле да проценат дека смртта на некои од жените била насилна, па биле закопани како да починале од природна смрт по што следуваше ексхумација за да се поврзат делата на серискиот убиец.