Поднесени 27 амандмани за законот за јавно обвинителство
Преку 27 амандмани пратениците на опозицијата и власта бараат интервенции во законот за јавното обвинителство, за кој утре започнува второ читање. По јавната дебата и мислењата на стручната јавност, во рокот кој беше поставен, најмногу амандмани или вкупно 13 поднеле од ДУИ, а 10 интервенции во законот бараат и од СДСМ. До собраниските служби 4 амандмани поднеле и од пратеничката група на ВМРО ДПМНЕ.
Претседателот на Комисијата за политички систем, очекува амандмани и на утрешната комисиска расправа, а законот да се носи со консензус.
Во дел од поднесените амандмани СДСМ бараат зголемена одговорност на обвинителите, висината на надоместокот за дежурства да биде усогласен со работните обврски, обвинителите да бидат државјани само на Македонија, да им се тргне обврската за објавување на научни трудови..
ДУИ инсистира за разрешувањето на јавните обвинители целата постапка да се води во советот на јавните обвинители, да се следат препораките на Венцијанската комисија во делот на дисциплинските постаки. Бараат и зголемување на мандатот на државниот обвинител од 6 на 8 години без право на реизбор, но и да се почитува правичната застапеност.
Мнозинството предлага зголемување на критериумите за избор на обвинители од ОЈО ГОКК, односно до моментот на пријавување да има стаж од најмалку 4 години како обвинител со проширена надлежност и позитивна оценка во последните три години. Предлагаат засилени критериуми и при избор на обвинители во државното обвинителство.
Новиот закон за обвинителство е дел од реформската агенда, а според најавите треба да биде изгласан до крајот на месецот.
-
Ивана Соколовиќ Најдова
Сите содржини од овој новинар
