Полицајците во контрола на Пулс, се воделе од препишан план
Полицајците кои не спречиле активирање на пиротехниката во „Пулс“, седнуваат на обвинителна клупа. Одговорност се бара од 13мина – началници од Штип и Кочани, инспектори за дрога и оружје, сменоводители се дел од полициските службеници на кои ќе им се суди за тешки дела против општата сигурност.
Тоа е истото кривично дело за кое во судница веќе седат сопственикот на ноќниот клуб, членовите на обезбедувањето, поранешни градоначалници, министри за економија и директори на ДЗС.
Полицајците, според обвинението, влегле во „Пулс“ десетина минути пред избувнување на пожарот по претходен план за контрола на клубот, но, без конкретни насоки како внатре да постапуваат. Нивна должност била да спречат активирање на непријавените прскалки, а имале и обврска да управуваат со турканицата која настанала по избувнување на пожарот.
„Обвинетите полицајци, не презеле ништо со што би овозможиле побрз и побезбеден излез на присутните во дискотеката, со што придонеле да загинат 63 луѓе, а над 200 да се здобијат со повреди“, се наведува во обвиненеието.
Планот за контролата на Пулс бил подготвен два дена пред несреќата. Наместо да се направи со претходи полициски проверки, тој бил препишан од веќе изготвени планови, тврди обвинителството.
Заради пропусти на полицијата, се водат уште две постапки во кои се обвинети полициски службеници. Едни одговараат бидејќи при контроли во Пулс, казни пишувале на неактивна фирма, други пак се обвинети дека дале согласност за лиценца иако дискотеката немала доволно паркинг места, а била и место каде често е нарушуван јавниот ред и мир.
-

Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар
