Македонија
18. March 2026 - 19:46

Политичка пресметка за РКЕ: СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ во судир за Ацо Ристов

Предлогот за нов претседател на Регулаторната комисија за енергетика отвори нова политичка пресметка меѓу власта и опозицијата.

Од СДСМ обвинија дека со поставувањето на Ацо Ристов на чело на РКЕ, институцијата што ги креира цените на струјата, горивата и енергенсите станува дел од, како што велат, „бизнис мрежата на Мицкоски“.

-Кој е Ацо Ристов? Поранешен градоначалник на ВМРО во Радовиш. Сопруг на судијката Данка Ристова која предходно беше избрана за членка на Судскиот совет. И најважното, бизнисмен во енергетиката, со хидроцентрали, исто како Мицкоски. Ристов во изминтиот период се „ослободува“ од сопственоста во компаниите поврзани со изградба на мали хидроцентрали. Компанијата што носи стотици илјади евра годишна добивка, одеднаш менува сопственик. И ја презема сметководителка од Радовиш, тотално непозната за секторот  – кажа Јон Фрчкоски, член на Извршниот одбор на СДСМ.

„Лагите и манипулациите од страна на СДСМ станаа секојдневие и мислат дека ако повторуваат една лага по 100 пати - таа ќе стане вистина“, им одговорија од ВМРО-ДПМНЕ.

-Вака не беа гласни за високите цени на горивата и струјата во нивно време, кога братот на Андреј Бислимовски (член на ИО на СДС) - Марко Бислимовски беше претседател на РКЕ. Денес кога имаме меѓу најниските цени на горивата во регионот и сметки за струја кои се исти од кога дојдовме на власт пред година и пол, тие само критикуваат и одат против се што владата преводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе направи. Затоа се онаму каде што се – пишува во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

Ристов беше еден од двајцата пријавени на јавниот оглас за прв човек на Регулаторна.

Вчера доби зелено светло од надлежната собраниска комисија и од претседателското столче го дели само уште гласање на пленарна седница.