Политичкиот врв со последен поздрав до Ѕинго
Љубисав Иванов - Ѕинго остави значаен печат во нашето општество како политичар, стопанственик и фудбалски работник, напиша во пораката со сочувството претседателот Стево Пендаровски
Ќе остане запаметен неговиот ангажман на почетоците на македонскиот плурализам и улога што ја имаше на македонската политичка сцена како долгогодишен претседател на Социјалистичката партија.
Сите љубители на фудбалската игра ќе го паметат неговиот ангажман во македонскиот фудбал пред се како претседател на фудбалската федерација во чиј мандат станавме полноправна членка на ФИФА и на УЕФА, пишува Пендаровски.
Љубисав Иванов Ѕинго ќе остане запаметен како човек и политичар со свое место и придонес во современата историја на Република Северна Македонија, пишува во писмото со сочувство до семејството Иванови премиерот Зоран Заев.
Во меморијата на нашата држава останува запишана и неговата функција како прв претседател на Фудбалската федерација на Македонија во период во кој од исклучителна важност беше неговото искрено учество во етаблирањето на спортот во државата и на меѓународен план, пишува Заев.
Лидерот на ВМРО – ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во своето сочувство до семејството напиша:
Љубисав Иванов Ѕинго ќе остане запаметен како еден од најискусните политичари кои својот капацитет, искуство и истрајност ги насочија кон градење на слободна и независна Македонија.
Неговата политичка, но и деловна кариера потврдува дека станува збор за еден од највпечатливите личности која имаше визија и мудрост да опстои и истрае. Граѓаните денеска изгубија добар човек, политичар и пријател, пишува Мицкоски.
И претседателот на собранието Талат Џафери упати сочувство до семејството.
- Почитуваниот Иванов беше пратеник во речиси сите пратенички состави од осамостојувањето на Републиката, неговиот придонес во градењето на државата, неговата активност како бизнисмен и човек кој дал безрезервна поддршка на спортот во нашата држава, ќе останат запаметени.
Сочувство до семејството упати и пратеничката група на ВМРО ДПМНЕ.
Во писмото со сочувство од Павле Трајанов и Демократскиот сојуз е запишано:
Ѕинго беше голем патриот и секогаш ги афирмираше Македонските национални интереси.
Во последните години сите разговори ги завршуваше со зборовите "Да бидеме сплотени и да ја чуваме Македонија".
- Македонскиот фудбал денес го загуби еден од своите најдобри и најважни фудбалски работници во својата историја. Ми беше чест што го познавав и соработувавме со Љубисав Иванов - Ѕинго, а навистина е безпредметно воопшто да набројуваме со што сѐ го задолжи нашиот фудбал и Фудбалската федерација на Македонија. Наша должност е да продолжиме по патот кој тој го трасираше, напиша претседателот на Фудбалката федерација Муамед Сејдини.
-

Иван Кузмановски
Сите содржини од овој новинар
