Поништен изборот на уставната судијка Дуковска, одложена седницата за Законот за јазиците
Управниот суд ја поништи одлуката за избор на Елизабета Дуковска за судијка на Уставниот суд, оценувајќи дека постапката за нејзиниот избор била спроведена спротивно на законските критериуми и принципите на еднаквост и транспарентност. Одлуката предизвика реакции во јавноста и правосудните институции, при што Уставниот суд предупреди на создавање правен преседан и ја одложи подготвителната седница за Законот за јазиците, а министерот за правда Игор Филков, истакна дека Судскиот совет мора да ја повтори постапката.
Според пресудата, Судскиот совет донел одлука за избор без целосно разгледување на сите предложени кандидати, што резултирало со нееднаков третман и повреда на законската процедура. Судот утврди дека членовите на Советот не располагале со доволно материјали и податоци за кандидатите, што ги оневозможило да направат темелна анализа на нивната стручност и придонес во правната теорија. Иако Законот за судски совет бара исполнување на конкретни критериуми за избор, тие не биле формално проверени пред гласањето.
Во конкретниот случај, членовите на Советот се запознале со биографиите на кандидатите за првпат на самата седница и пристапиле кон гласање само за првиот предложен кандидат – Елизабета Дуковска, судијка на Апелациониот суд Скопје. Останатите два предлога, за кандидатките Т.С. од Апелациониот суд Битола и А.Д. од Основниот граѓански суд Скопје, биле целосно игнорирани.
Од увидот во записникот од седницата неспорно произлегува дека по излагањето на биографиите од страна на нивните предлагачи, членовите на Советот се согласиле да гласаат по редоследот на дадените предлози, но потоа се пристапило кон гласање само за првиот предлог. Гласањето за вториот и третиот кандидат било прескокнато, по што првиот предлог бил усвоен и утврден како предлог за избор на уставен судија.
Судот оценил дека со ваквиот начин на постапување е повредено начелото на еднаквост, бидејќи само еден кандидат добил можност за реална поддршка преку гласање, додека другите двајца биле лишени од ист третман и еднакви можности.
Дополнително, ваквиот пристап го нарушува и мерит системот, бидејќи не била овозможена реална и објективна споредба на квалитетите, резултатите и придонесот на кандидатите во развојот на правната мисла и систем. Со тоа, според судот, е дерогирана законската обврска за еднаков, меритократски и транспарентен пристап во постапката, што е спротивно и на темелните уставни принципи на еднаквост и отчетност при вршење на јавна функција.
Поради ова, Управниот суд ја прифати тужбата поднесена од Антоанета Димовска, која е член на Судскиот совет и воедно била и една од кандидатките за уставен судија. Судот наложи повторно постапување согласно законските критериуми, при што треба да се спроведе гласање за сите предложени кандидати со целосно почитување на критериумите пропишани во Законот за судски совет.
Уставниот суд ја одложи подготвителната седница за Законот за јазици
Уставниот суд, иако не ја коментираше пресудата на Управниот суд, во своето соопштение вчера истакна дека постапувањето на Судскиот совет, Собранието и управните судови довело до создавање правен преседан со кој досега ниту еден состав на Судот не се соочил. Судот предупреди дека таквиот преседан има значајни правни импликации врз неговото понатамошно постапување.
- Уставниот суд денеска го прими дописот од претседателот на Собранието на Република Северна Македонија со кој е доставена Пресудата У-5 бр.380/2025 од 15.05.2025 година на Управниот суд на Република Северна Македонија. Уставниот суд не ја коментира Пресудата на Управниот суд. Постапувањето на сите инволвирани органи како што се Судскиот совет, Собранието и управните судови во овој случај, предизвикаа правен преседан кој создаде правна состојба со која ниту еден досегашен состав на Уставниот суд се нема соочено. Таквиот правен преседан несомнено создава правни импликации во постапувањето на Уставниот суд во согласност со неговите надлежности, стои во соопштението од Уставен.
Во соопштението се додава дека поради новонастанатата ситуација, Судот донел одлука да ја одложи подготвителната седница за предметот поврзан со Законот за употреба на јазиците, која беше закажана за 19 јуни 2025 година, бидејќи судијката Дуковска беше известител на овој предмет. Дополнително, Судот донел заклучок дека постапувањето по овој предмет треба да биде во полн состав.
Уставниот суд воедно потсети дека, согласно член 112 став 2 од Уставот, неговите одлуки се конечни и извршни и нема да ги преиспитува по службена должност одлуките во кои учествувал судијата опфатен со пресудата.
Филков: Министерството нема надлежност, но Советот мора да постапи
Министерот за правда Игор Филков, на заедничка прес-конференција со директорот на Управата за извршување санкции Александар Пандов, вчера изјави дека согласно одлуката на Управниот суд, Судскиот совет е должен да ја повтори постапката.
- Надлежност на извршување на пресудата на Управниот суд има само Собранието, односно во конкретниот случај Судскиот совет така што должност на Судскиот совет е согласно одлуката на Управниот суд да ја повтори постапката и да ги земе предвид препораките и да достави нов предлог до Собранието, рече Филков.
На новинарско прашање што ќе се случува со одлуките кои судијката Дуковска ги има донесено во изминатите две години, Филков одговори дека ќе треба да се почека и да се види како ќе се развива ситуацијата.
Изборот на Дуковска беше извршен во април 2023 година, откако таа доби поддршка од 11 членови на Судскиот совет, со двајца „против“.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ тогаш обвини дека со изборот на Дуковска, Судскиот совет го прекршил Уставот бидејќи не ги ставил на гласање другите двајца кандидати. Додека, тогашниот член на Советот, Зоран Герасимовски, пред пратениците изјави дека Советот не пристапил кон гласање за другите кандидати бидејќи, според него, законот не предвидува дека за кандидат ќе биде утврден оној со најмногу гласови, туку оној кој прв ќе добие потребно мнозинство – најмалку осум гласа.
МИА вчера стапи во контакт со дел од членовите на Судски Совет кои изјавија дека сѐ уште нѐ ја добиле пресудата и дека ќе се изјаснат по неа откако ќе се запознаат со содржината.
Ново на Сител
-
Мицкоски најави нов договор со друга европска држава
-
Љутков: Разловечкото востание е темелот на нашата држава, историја што не смееме да ја заборавиме
-
Мицкоски: Трикови околу цените на храната нема да толерираме
-
Лимани: Над 700 вработувања на Албанци имаше кога бев заменик директор на електрани
-
ЕУ со нов 17. пакет санкции против Русија
-
Утре изменет сообраќаен режим на експресниот пат Штип - Кочани
-
Владата го усвои договорот за стратешко партнерство со Обединетото Кралство
-
Најмалку тројца ученици повредени во напад со нож во училиште во Финска