Македонија
19. March 2026 - 16:45

Посебен влез за непушачи во кафеани – новини во предлог законот за заштита од пушење

Министерот за здравство очекува за три години да биде преполовен бројот на пушачи во земјата. Азир Алиу сака да постигнат ваков процент за краток период а законското решение кое треба да ги даде овие резултати се уште не го поминал ниту владиниот филтер. Законот за заштита од пушење треба да се најде на следната седница на Влада по што ќе биде доставен до пратениците.

- Се надевам дека за две години исто така ќе имаме прес-конференција за намалување на пушачите во државата од 45% да се надеваме дека таргетот да се стави под 20 отсто“, изјави Азир Алиу, министер за здравство. 

Од Министерството велат дека доцнат со роковите поради усогласување со барањата на сите засегнати со законот.  Наместо три, новините предвидуваат две отворени страни на терасите за пушачи во кафеани и ресторани, со што им олеснуваат на околу 7000 угостители од кои голем дел и поради архитектурата не можеле да го исполнат претходниот услов. Но затоа ќе треба да имаат посебни влезови. 

Но една од најголемите, ајде да кажеме, инфраструктурни зафати кои што треба да ги имаат сите бизниси кои се занимаваат со ваков тип на услуги, ќе мора, значи со закон ќе мора да направат влез во самиот угостителски објект кој што е одвоен од просторот каде што се пуши. Фактички, идејата на законот е да ги штитиме сите граѓани коишто не пушат, а да им одредиме место на граѓаните коишто пушат каде може тоа да се пуши, вели Алиу

Забраната за пушење во затворени простории за сите видови на цигари ќе стапи веднаш во сила по донесувањето на законот, кое според предвидувањата на здравствените власти ќе биде во мај. За останатите сегменти ќе има одредени периоди на прилагодување.