Пост од 24 часа: Придобивки и здравствени проблеми

Дваесет и четиричасовниот пост во последните години стана популарен здравствен тренд, особено во форма на повремен пост, кој многумина го практикуваат со цел да ослабат, да го подобрат метаболизмот или едноставно да воспостават поголема контрола врз своите навики во исхраната, пренесува онлајн порталот Индекс.
Симулација објавена на Јутјуб прикажува како телото во текот на 24 часа постепено ги менува изворите на енергија и се адаптира на новите услови. Основната идеја е едноставна: кога ќе престанете да јадете, телото за нормално функционирање почнува да ја користи енергијата што веќе ја има складирано. Сепак, лекарите предупредуваат дека постот не е волшебно решение и дека не треба секој да го практикува без размислување.
Клиниката Кливленд (Cleveland Clinic) нагласува дека повремениот пост кај некои луѓе може да помогне при слабеење, регулирање на крвниот притисок и намалување на инсулинската резистенција, но предупредува и дека тоа не е универзално решение и дека ефектите во голема мера зависат од квалитетот на исхраната. Истото го потврдуваат и од медицинскиот центар Џонс Хопкинс Медисин (Johns Hopkins Medicine), кој наведува дека кај повремениот пост често е поважно кога јадете отколку што јадете, како и дека сите потенцијални придобивки треба да се разгледаат во поширок контекст на исхраната и начинот на живот.
Симулацијата на Гроуфит хелт (GrowFit Health) покажува дека веќе по првите четири часа може да се појави благо чувство на глад. Телото го завршува варењето на храната, што доведува до намалување на нивото на инсулин. Набргу потоа почнува да го троши складираниот шеќер како извор на енергија.
По осум часа без храна нивото на шеќер во крвта почнува да опаѓа. Телото тогаш се насочува кон друг извор на енергија – гликогенот од сопствените резерви. Во оваа фаза многу луѓе почнуваат да забележуваат промени. По 12 часа телото влегува во состојба на блага кетоза. Тоа значи дека започнува процес во кој мастите се претвораат во енергија. Иако во оваа фаза може да се појави поизразен глад, според американскиот здравствен интернет-портал (Healthline) кај некои луѓе овој процес може да доведе до намалување на апетитот и губење на телесната тежина, но и до чувство на замор.
По 16 часа настанува позначајна промена – започнува процесот на автофагија. Телото тогаш почнува да ги разградува и „рециклира“ оштетените клетки и нивните делови. Според Кливленд овој процес може да има бројни здравствени придобивки, вклучувајќи отстранување на нефункционалните делови од клетките и потенцијално намалување на присуството на вируси и бактерии. Додека пак, по 24 часа без храна телото преминува во еден вид режим на „длабинска обнова“. Маста станува главниот извор на енергија, додека воспалителните процеси се намалуваат, а чувствителноста на инсулин се подобрува, што може да има долгорочни здравствени придобивки.
Крајниот заклучок според стручните лица е дека 24-часовниот пост може да донесе одредени здравствени придобивки, но не е волшебно решение кое би одговарало секому. Сепак, експертите нагласуваат дека ефектите зависат од квалитетот на исхраната, животниот стил и индивидуалната здравствена состојба, и дека постот не треба да се практикува без медицински совет, особено кај луѓе со хронични болести, бремени жени или лица со проблем со исхраната.
Ново на Сител
-

Се претставил како директор на компанија што тргува со крипто валути, 32-годишник измамен за 340.000 денари
-

Мерц: Германија не е дел од војната со Иран
-

Мицкоски најави поевтинување на нафтените деривати за околу 2,5 денари во текот на денот
-

Тешко повредена кавадарчанка во сообраќајка на росоманска територија
-

18-годишник во Тетово се заканувал на ученици дека ќе постави бомби и ќе изврши убиства во училиштето
-

„Оскари“ 2026: Фаворити за најпрестижните филмски награди
-

Пост од 24 часа: Придобивки и здравствени проблеми
-

Андоновски: Македонската ИКТ индустрија продолжува да руши рекорди во економијата
