Македонија
25. August 2025 - 16:37

Пратениците без нова иницијатива за изборни измени – Собранието со декларација ќе гарантира фер избори

Парламентот нема ниту време ниту волја да прави измени на изборниот законик. Пратеничките групи не доставиле ниту иницијатива за нови измени ниту за автентично толкување за кое е потребно повторно бадинтерово мнозинство, потврди спикерот Африм Гаши по координацијата со пратениците, прва по летните одмори. На избори вели ќе се оди по донесеното Упатство на ДИК. 

Нема таков предлог од никого, за жал вака ќе одиме на избори. Во меѓувреме ако има некакви разговори ќе информирам,, но најава не стигна од ниту еден координатор и не ме известиле дека прават нов обид за измени.

Закажаната вонредна седница и обид да се случат измени на изборниот законик и покрај немањето бадентер за Гаши не било политички маркетинг, туку обид за излез од состојбата. 

Имаше обид заеднички да ги донесеме изборните измени. Ако не ја свикавме седницата ќе испаднеше дека Собранието не се обидело воопшто и не ќе знаевме кој е „за“, а кој е „против“.Сакавме да ја искористиме и последната можност, а и институциите правеа притисок  тој закон да се стави на дневен ред. Не ја свикавме седницата заради маркетинг. Сакавме да го донесеме законот за изборни измени, дури и направивме компромис со Левица.

За спречи изборна кампања да се води од собраниската говорница, Гаши доставил Декларација до координаторите на пратеничките групи со која сите ќе се обврзат на фер и демократски избори. Иако кандидатите потпишуваат таква изјава пред ДИК, вели пораката е посилна кога стигнува од Собранието. 

Но не само изборниот законик, од гласот на немнозинските заедници зависат и неколку клучни законски решенија и именувања, меѓу кои и оној за локална самоуправа кој чека на консензус помеѓу политичките актери.

Тоа значи дека новоизбраните градоначалници ќе се спасат од одговорност и евентуални референдуми доколку не си ја вршат должноста во интерес на граѓаните. Доколку преатениците се согласат и го изгласаат, законот ќе важи не за овие, туку за следните локални избори во 2029-та. 

На „бадентер“ чека и изборот на новиот народен правобранител.

До старт на изборната кампања на 29 септември, засега се предвидени две собраниски седници, на 2-ри и 12-ти септември, за кога се предвидени и опозициски пратенички прашања.