Македонија
25. July 2025 - 16:39

Пратениците во вторник ќе расправаат за интерпелацијата на државниот обвинител Коцевски

Пратениците во вторник ќе расправаат за интерпелацијата на државниот обвинител Љупчо Коцевски. Предлогот го поднесе пратеничката група на Левица, поради, како што наведоа, нефункционалност и политички влијанија врз работата на Јавно обвинителство.

Во интерпелацијата, Левица вели дека истрагата за пожарот во Кочани е селективна, a обвинението е паушално, неумесно и фалично поставено. Партијата се сомнева дека за да се заштитат функционери од ВМРО-ДПМНЕ од кривична одговорност, бил постигнат политички договор за стопирање на постапката за разрешување на Коцевски. 

„Поинаку не може да се оправда начинот на кој е можно јавен обвинител „преку ноќ“ од неподобен да стане подобен за извршување на својата функција, единствено ваквата одлука може да се толкува како „договорно мотивирана“ и се создава впечаток дека независноста на Јавното обвинителство е под политички притисок, а обвинителот Коцевски останува на функцијата не поради професионални заслуги, туку поради нечесен компромис со власта“, пишува во документот.

Коцевски ја оцени интерпелацијата како „политички, а не правно заснован инструмент со кој само се овозможува упад во самостојноста на Јавното обвинителство“. Тој нагласува дека се постапува врз основа на докази, без оглед на партиска, етничка или каква било друга припадност на осомничените.

„Одговорно тврдам дека во ниту еден момент не постоел таков обид за политичко влијание. Постапката за мое разрешување беше исто толку неоснована како и оваа интерпелација. Недостатоците во неа се наведени и во најновиот специјален извештај на Европската комисија за состојбата со владеење на правото во нашата земја, така што нејзиното запирање треба да е очекуван потег, а не некаква форма на „договорно мотивирана одлука преку ноќ“, стои во одоговорот на Коцевски. 

Левица, во документот на 8 страници, меѓудругото обвинува и за одолговлекување на постапки, непостапување, сомнителен избор на Виш јавен обвинител... Коцевски, пак, во писмен допис им одговори на сите наводи. Од пратениците побара да ја заштитат институцијата Јавен обвинител и неговата самостојност преку отфрлање на оваа интерпелација која, според него нема ниту еден законски основ и воопшто не би смеела да биде поднесена.