Православните христијани утре го слават Бадник, задутре Божиќ

Православните христијански верници во земјава утре го слават Бадник, ден пред големиот празник Рождество Христово – Божиќ.
Во организација на Здружението „Бадникови поворки“ утре ќе се одржат Бадниковите поворки во 80 градови и населени места низ Македонија, како и во македонската дијаспора во Словенија, Италија, Австрија, Франција и Соединетите Американски Држави.
Традиционално, одбележување на Бадник ќе има и пред Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје во организација на Здружението на граѓани „Одбор за традиционална прослава на Бадник“. Годинава бадникарски кум е бизнисменот Зоран Кондратенко, а здравичар музичарот Јаков Дренковски.
Македонскиот народ со многу внимание и почит ги одбележува овие празници. Божиќ е Господски празник и се празнува во спомен на раѓањето на Господ Исус Христос. Овој празник е матица на сите други црковни празници, бидејќи со Христовото раѓање се смета и почетокот на новата ера.
Семејството на Бадник се собира на заедничка вечера и според обичајот оваа вечер не се оди на гости. Се прави богата, посна трпеза.
Домаќините се трудат да принесат од се по нешто за да им биде богата трпезата во текот на целата година. Се меси погача, а во некои места се прават зелници во кои се става паричка. Се верува дека оној кај кого ќе падне паричката ќе го следи среќа во текот на целата година. Пред почнувањето на вечерата на која сите се собрани, домаќинот ја благословува трпезата, го крши кравајчето, а некаде го дели зелникот, на толку делови колку што има членови во семејството, оставајќи уште дел за Бога и дел за куќата.
Исто така, вечерта во огнот се става бадниково гранче кое се смета за најздраво дрво, за да бидат здрави сите во семејството. Бадниковите гранчиња се симбол на среќата, љубовта и светлината, со кои православните верници ги украсуваат домовите за Бадниковата вечер, во пресрет на Божиќ.
МИА
Ново на Сител
-

Студен бран со снег и силен јужен ветер, најобилни врнежи во западните делови
-

ЈП Македонија пат: Сите патни правци во државата се проодни
-

Протестите во САД продолжуваат по смртоносното пукање врз жена во Минеаполис
-

Иран ги обвинува САД во ОН за насилните протести во Исламската Република
-

Трамп: Мора да го поседуваме Гренланд за да ги спречиме Русија и Кина да го земат
-

Гласаат болните и затворениците, пред утрешните повторени избори за градоначалник во четири општини
-

Претпладне повремени врнежи од дожд, попладне од снег
-

ДЗС: Безбедно отстранета ретка неексплодирана минофрлачка граната од 70 mm од Првата светска војна
