Пред пожарот во „Пулс“, Дирекцијата за заштита и спасување никогаш не контролирала дискотеки
Дирекцијата за заштита и спасување, никогаш не добила барање да направи инспекциски надзор за противпожарна заштита во „Пулс“, сведочеше денеска заменикот на генералниот инспектор во Дирекцијата. Според Живко Ставревски, пред пожарот во кочанската дискотека, ДЗС не правела контрола во ноќни клубови, а тие објекти не биле ниту во годишните планови за редовна проверка.
„По 16 март 2025 година, се вршат вонредни инспекциски надзори на дискотеки и кабареа, вклучително и во Кочани. Се постапува по барања на МВР и други институции по пријава или барање за вршење вонреден инспекциски надзор заедно со други инспекциски органи“, изјави во судницата сведокот Ставревски.
Недостигот од инспектори за заштита и спасување во ДЗС, влијаел и врз бројот на реализирани контроли. Таков инспектор во Кочани немало повеќе од десетина години, па планот за годишен надзор на објекти, постоел само на хартија. Се пишувало дека ќе се спроведе само еден надзор, без да се наведе во кој објект.
„По укажување на инспекцискиот совет дека во годишниот план има општини во кои нема инспектори, ни беше укажано секаде да планираме инспекциски надзор, па како бројка внесувавме барем еден надзор во тие општини, но реално, исполнувањето на таа обврска не беше можно“, изјави Ставревски.
Судењето за пожарот во „Пулс“ продолжува во среда со сведоштва на тројца вработени во општина Кочани. Обвинителството пак денеска го извести судот дека листата на сведоци ќе ја скрати за десетмина.
-

Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар
