Преглед на вестите од светот
Русија го изврши својот најголем воздушен напад во 2026 година врз енергетскиот систем на Украина во текот на ноќта оштетувајќи термоелектрани и оставајќи илјадници луѓе без електрична енергија.
Повеќе од 1.100 станбени згради во Киев и околината се без греење поради рускиот напад. Температурата во ноќните часови се спушти и до -17 степени. Градоначалникот на Киев Кличко посочи дека во синоќешните руски напади оштетен е градскиот систем за греење.
Во нападите со руски беспилотни летала загинаа две лица, а 15 беа повредени во Запорожје и Харков. Нападот во Харков бил врз густо населена станбена област, запалил дел од станбен блок и при што се повредени седум лица.
Портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит, им изјави на новинарите дека претседателот Доналд Трамп не бил изненаден од последниот напад на Русија врз Украина.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Украина чека реакција на САД на рускиот напад врз градовите во неговата земја. Тој додаде дека од Украина се очекувало да направи отстапки, но дека и од Русија зависи да направи отстапки, главно „за да ја запре агресијата“.
Зеленски, на средбата со генералниот секретар Марк Руте во Киев, во текот на вчерашниот ден наведе дека Русија го прекршила енергетско примирје и презела масовен напад. Денеска и в четврток Абу Даби продолжуваат преговорите помеѓу Украина и Русија, со посредство на САД, за изнаоѓање на мировно решение.
Безживотните тела на 14 мигранти биле извлечени од морето во близина на грчкиот остров Иос по судар на чамец со мигранти и патролен брод на крајбрежната служба на Грција, додека повредени се 24 и двајца припадници на крајбрежната служба, а во тек е акција за спасување за евентуално исчезнати лица. Инцидентот се случил синоќа околу 21 часот. Чамецот што пренесувал мигранти со опасни маневри за да избегне контрола удрил во бродот на крајбрежната служба при што луѓето паднале во морето.
Иран бара преговорите со САД, што се предвидени да се одржат в петок во Турција, да бидат во Оман. Техеран бара разговорите да се одвиваат на билатерално ниво, а не како што е планирано да учествуваат претставници на земјите од регионот. На разговорите предвидено е да учествуваат американските претставници Џаред Кушнер и Стив Виткоф, иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи и неколку министри од земјите од регионот. Последните информации се дека средбата најверојатно ќе се одржи во Оман, на што американската страна се согласила.
-

Марјан Ников
Сите содржини од овој новинар
