Loading Video...
Свет
19. March 2026 - 12:34

Преглед на вестите од светот

Американскиот претседател Доналд Трамп порача дека Израел ќе ги запре нападите врз клучните ирански гасни постројки, со цел да се намали ескалацијата. Ова следи по ударот врз постројка поврзана со Јужен Парс – најголемото гасно поле во светот и столб на економијата на Иран.

Техеран возврати со ракетни напади врз индустриски цели во Катар, меѓу кои и комплексот Рас Лафан погодувајќи ги постројките за течен природен гас.Трамп тврди дека САД немале сознанија за нападот, додека американски и израелски извори велат дека акцијата била координирана со премиерот Бенјамин Нетанјаху.

Израелската страна објаснува дека целта била да се спречи Иран да го загрози снабдувањето со нафта преку Ормутски теснец. Во меѓувреме, Трамп предупредува дека нови напади врз инфраструктурата во Катар би предизвикале силен американски одговор.

Цените на нафтата „Брент“ денеска пораснаа на повеќе од 114 долари за барел, а европските цени на гасот скокнаа за 30 отсто на тригодишен максимум откако Иран почна напади врз клучната енергетска инфраструктура на Блискиот Исток.

Цената на суровата нафта во 9.30 часот порасна на 97  долари за барел, а цената на нафтата „Брент“  на 114,187 долари.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, се сретна со претставници на надлежните министерства и институции во врска со состојбата на пазарот на горива и состојбата со резервите.

На состанокот е одлучено Србија да ослободи 40.000 тони од резервите како дополнителна мерка за заштита на пазарите, а која ќе биде реализирана во наредните денови. Во меѓувреме  Владата на Србија ја продолжи забраната за извоз на нафта и нафтени деривати до 2 април годинава.