Преглед на вестите од светот
Претседателите на Русија и на САД, Владимир Путин и Доналд Трамп, разговарале по телефон, соопшти советникот на рускиот претседател Јуриј Ушаков. Разговорот бил на иницијатива на руската страна и траел околу час и половина. Лидерите разговарале за ситуацијата во Иран и Персискиот Залив.
Трамп изјави во средата дека ќе го држи Иран под поморска блокада на САД сè додека Техеран не се согласи на договор со Вашингтон за неговата нуклеарна програма. Тој ја отфрли понудата од три чекори на Иран, која има за цел повторно да го отвори теснецот и да ги остави нуклеарните разговори за подоцнежни преговори.
„Нема да дозволиме Иран да има нуклеарно оружје и ја уништивме нивната морнарица, ги уништивме нивните воздухопловни сили. Ги уништивме нивните противвоздушни системи. Сè, апарати, сè што имаат, нивниот радар. Им остана многу малку. И имаат некои ракети, мал процент. Имаат мал процент на капацитети за производство на ракети. Уништивме околу 80% од нив, остатокот би можел да дојде многу брзо, ако не склучиме договор. Тие нема да имаат нуклеарно оружје. Тие го знаат тоа и скоро сите други го знаат.“
Нагласувајќи дека блокадата е најефикасното средство за притисок во моментов и дека Иран е под огромен притисок бидејќи не е во можност да извезува нафта. Американскиот претседател рече и дека Иран очајнички сака договор за укинување на блокадата.
Висок ирански безбедносен извор, цитиран од државниот медиум на земјата PRESS TV, изјави во средата дека американската морнарица „наскоро ќе се соочи со практична и невидена акција“ ако продолжи со нелегалната поморска блокада во Ормутскиот теснец.
САД ја воведоа својата блокада откако преговорите по прекинот на огнот со Техеран во Исламабад, на 11 и 12 април не доведоа до договор.
Прекинот на огнот меѓу Иран, САД и Израел стапи на сила на 8 април по 40 дена борби.
Путин и Трамп разговараа и за состојбата во Украина. Путин, исто така, предложи повторување на привременото примирје во Украина за да се одбележи годишнината од крајот на Втората светска војна следниот месец, изјави помошникот. Путин минатата година објави слично примирје кое траеше три дена, но не беше договорено со Киев.
„Не зборував за вселената, не, зборував за Украина. И зборував малку за Иран. Разговарав за неколку различни теми, главно за Украина. И имавме многу добар разговор. Мислам дека ќе најдеме решение релативно брзо, се надевам. Мислам дека би сакал да види решение, можам да ви кажам. И тоа е добро.“
Телефонскиот повик беше првиот меѓу двајцата лидери од 9 март, девет дена откако САД и Израел започнаа војна со Иран.
Победникот на парламентарните избори во Унгарија, Петер Маѓар, на Фејсбук објави дека имал „исклучително конструктивен и успешен“ разговор со претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, за замрзнатите европски фондови, кои „наскоро“ ќе бидат ставени на располагање на Будимпешта.
Маѓар во својата објава забележува дека на 25 мај, откако веќе ќе ја положи заклетвата како премиер, повторно ќе го посети Брисел за да склучи политички договор за доделување на замрзнатите европски средства.
Фон дер Лајен, од своја страна, на Х напиша дека нејзината средба со унгарскиот лидер поминала „многу добро“ и оти разговарале за „неопходните чекори за одмрзнување на предвидените средства од ЕУ за Унгарија, кои беа блокирани поради загриженост поврзана со корупцијата и владеењето на правото“
-

Марјан Ников
Сите содржини од овој новинар
