Преглед на вестите од светот
Српските студенти во Нови Сад ја започнаа својата предизборна кампања за парламентарните избори во Србија закажани за 25 октомври. Студентската листа произлезе од речиси двегодишни антикорупциски демонстрации предизвикани од уривањето на тенда на железничка станица во Нови Сад во ноември 2024 година, во која загинаа 16 лица.
Пред присутните зборуваше претседателот на Синдикатот на судската власт, Немања Ѓуриќ. Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во средта го распушти парламентот и најави предвремени избори за следниот месец, додека се обидува да го продолжи своето владеење со кандидирање за премиер.
Вучиќ, кој е на власт како претседател или премиер 12 години, се соочува со речиси двегодишни антикорупциски демонстрации.
При руски воздушни напади утрово повредени се осум лица, а предизвикаа и пожар во деветкатна станбена зграда во Киев соопштија градските власти. Спасувачките екипи на терен се обидуваат да ги расчистат урнатините и да го изгаснат пожарот. Во зградата имаше и голем број искршени прозорци.
Во текот на вчерашниот ден по нападот врз источноукраинскиот град Краматорск беа повредени се најмалку 22 лица, вклучувајќи и осуммесечно дете. Во нападот се оштетени 14 станбени згради, три приватни куќи, три административни згради и 14 возила. Краматорск е во таканаречениот „тврдински појас“ на градови во источна Украина, кој Русија го смета за клучна цел во нејзиното бавно напредување кон освојување на целиот регион Донецк.
Русија се врати на своите речиси постојани воздушни напади врз Киев оваа недела по краткиот прекин за време на посетата на Москва и Киев на преговарачите на американскиот претседател Доналд Трамп, кои се обидуваа да ја завршат војната што Кремљ ја започна со инвазијата на Украина во 2022 година.
Рускиот претседател Владимир Путин пристигна во Индија рано утрово пред самитот на лидерите на БРИКС, каде што се очекува дискусиите да се фокусираат на поделбите во блокот околу блискоисточниот конфликт и пошироката економска соработка.
Рускиот лидер денеска треба да одржи билатерални разговори со индискиот премиер Нарендра Моди. Инаку Индија е домаќин на самитот на БРИКС.
-

Марјан Ников
Сите содржини од овој новинар
