Преглед на вестите од светот
Русија масовно го нападна Киев со 250 дронови и 14 балистички ракети
Русија го нападна украинскиот главен град Киев со 250 дронови и 14 балистички ракети. Во масовниот напад повредени се 15 лица, од кои две деца. Оштетени се повеќе згради. Според информациите, Украина успеала да ги собори најголемиот дел дронови и ракети.
„Ова не е војна. Ова е уништување на еден народ, тие само нè уништуваат. Тие (Русите) не гледаат деца, никого. Тие само удираат и удираат. Дроновите летаа над нас цела ноќ. Немавме време да здивнеме“ - Халина Татарчук, пензионерка
Нападите се случуваат во време кога американскиот претседател Доналд Трамп ги охрабрува Русија и Украина да седнат на разговори за прекин на огнот за да се стави крај на војната, но се спротивстави на европскиот план за воведување нови санкции врз Русија.
Жена со нож нападна 18 лица на железничката во Хамбург
18 лица се повредени во напад со нож на железничката станица во Хамбург. Осомничената, 39-годишна жена, е уапсена, соопшти полицијата.
„Досега немаме докази дека жената можела да дејствува со политичка мотивација. Напротив, имаме наоди врз основа на кои сега истражуваме, особено дали можеби била во состојба на ментална вознемиреност“ - Флоријан Абенсет, портпарол на хамбуршката полиција
Германскиот канцелар Мерц изрази сочувство до жртвите и нивните семејства и им се заблагодари на службите за итни случаи за нивниот брз одговор.
Голем прекин на електричната енергија низ јужна Франција: 160 илјади домаќинства без струја
Голем прекин на електричната енергија низ јужна Франција остави околу 160 илјади домаќинства без струја. Испадот, според првичните сознанија, се случил поради пожар во трафостаница во блиското село Танерон. Полицијата претпоставува дека огнот веројатно е подметнат. Дефектот влијаеше врз градот Кан, кој моментално е домаќин на својот годишен меѓународен филмски фестивал.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар