Loading Video...
Свет
4. јуни 2025 - 12:08

Преглед на вестите од светот

Во моментов не постојат услови за обнова на работата на нуклеарната централа Запорожје поради недостиг на вода за ладење и стабилно снабдување со електрична енергија, изјави генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија Рафаел Гроси. Тој имаше средба и со украинскиот претседател Зеленски.

Атомската централа во јужната украинска област Запорожје беше окупирана од Русија во март 2022 година, кратко по почетокот на инвазијата. Гроси изјави дека Русите „никогаш не го криеле фактот“ дека сакаат да ја обноват работата на централата, но оти во блиска иднина нема да можат да го сторат тоа. Тој додаде дека машините во централата, кои не работеле три години, треба темелно да се прегледаат пред да се обнови работата.

Украина соопшти дека обидот на руските техничари да ја пуштат централата ќе биде опасен, бидејќи тие не се сертифицирани за работа во нуклеарната централа Запорожје. Гроси, сепак, истакна дека рускиот нуклеарен персонал е способен да изврши рестарт и дека прашањето за сертификација е повеќе политичко отколку техничко.

Американскиот претседател Доналд Трамп ќе присуствува на Самитот на НАТО во Хаг кон крајот на месецов соопшти портпаролката на Белата куќа, Керолин Ливит. Зборувајќи пред новинарите во Белата куќа, таа изјави дека Белата куќа не била запознаена со намерата на Украина да почне голем напад со дронови врз воени аеродроми во Русија за време на викендот.

Турскиот министер за надворешни работи, Хакан Фидан, телефонски разговараше со американскиот државен секретар, Марк Рубио, за војната во Украина, како и за најновите случувања во Сирија и Газа, пренесе Си-Ен-Ен Турк. Во разговорот биле разгледани чекорите преземени за ставање крај на војната меѓу Русија и Украина и резултатите од преговорите одржани во понеделникот во Истанбул. Се додава дека шефовите на дипломатиите, исто така, размениле мислења за ситуацијата во Сирија и во Појасот Газа.

Генералното собрание на ОН ги избра Бахреин, Колумбија, Демократска Република Конго, Летонија и Либерија за непостојани членки на Советот за безбедност, со двегодишен мандат кој почнува на 1 јануари 2026 година. Велика Британија, Кина, Франција, Русија и САД се постојани земји членки и имаат право на вето. Секоја година се менуваат по пет непостојани земји членки, и сега ќе бидат заменети Алжир, Сиера Леоне, Јужна Кореја, Гвајана и Словенија. За да се обезбеди географска застапеност, местата се поделени на регионални групи. 

Генералното собрание вчера ја избра поранешната германска министерка за надворешни работи, Аналена Бербок, за претседателка на 193-члениот орган. Бербок треба официјално да стапи на должност на 9 септември, непосредно пред 80-та сесија на Генералното собрание на ОН.