Loading Video...
Свет
9. јуни 2025 - 13:30

Преглед на вестите од светот

Во српските градови Заечар и Косјериќ вчера се одржаа избори за советници во собранијата на локалната самоуправа каде граѓаните избираа помеѓу осум листи во Заечар и три во Косјериќ. Денот беше обележан со голема излезност и тензична атмосфера.

По затворањето на гласачките места, и СНС и опозицијата прогласија победа. 

Прво, тоа го направи опозицијата на двете места, а потоа и претседателот на државата, Александар Вучиќ. Изборните комисии се уште не ги објавија резултатите од гласањето во тие две српски општини. Углеша Ѓуричковиќ од „Промени во кои веруваме“ изјави дека ќе ги користат сите законски средства за да го проверат секое гласачко ливче во наредните денови, бидејќи ниту еден глас од жителите на Заечар нема да биде украден, а според претседателот на комисијата има многу „сериозни нерегуларности“.

Руското Министерство за одбрана соопшти дека руските сили го зазеле селото Зорија во украинската област Доњецк. Војната ескалира - руските сили заземаат повеќе територии во Украина, а Киев со помош на беспилотни летала врши диверзантски напади врз руската флота бомбардери и, според Москва, со напади на железницата. И покрај тековните непријателства, двете страни во неделата најавија дека се очекува размена на телата на загинатите војници во наредните денови.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека претходната американска администрација и ветила на Украина 20.000 ракети за борба против беспилотните летала „Шахед“, но дека тие ракети потоа биле испратени на друга дестинација. Тој рече дека добил информација дека САД ги префрлиле ракетите ветени на Украина на Блискиот Исток.

Над сто Бразилци во неделата учествуваа во симболичната прегратка во Рио де Жанеиро по повод одбележувањето на Денот на океаните. Настанот наречен „Прегратка“ ги собра волонтерите кои учествуваа во чистењето на плажата Сао Конрадо и подоцна се држеа за раце симулирајќи прегратка со морето. Организаторот на настанот Симао Фелипе Педро рече дека неговата цел е да ја подигне свеста за важноста на зачувување и заштита на океанот.