Loading Video...
Свет
13. јуни 2025 - 12:13

Преглед на вестите од светот

Израелскиот министер за одбрана Израел Кац изјави дека Израел извршил „превентивен напад“ врз Иран, прогласувајќи специјална вонредна состојба низ целата земја. Израелските одбранбени сили (ИДФ) потврдија дека се погодени некои ирански воени и нуклеарни цели.

Иранската државна телевизија IRIB објави дека големи експлозии се слушнале во областите на главниот град Техеран рано утрово. Иранската државна телевизија соопшти дека нуклеарните научници Ферејдун Абаси-Давани и Мохамад Мехди Техеранчи биле убиени во израелски напад,  а истотака е убиен и Хосеин Салами, началникот на елитниот корпус на Револуционерната гарда.

Иранските медиуми и очевидци објавија експлозии, вклучително и во главниот објект за збогатување ураниум во земјата во Натанц, додека Израел прогласи вонредна состојба во очекување на одмазднички ракети и напади со беспилотни летала.

Израел соопшти дека прогласува вонредна состојба во очекување на напад со проектили и беспилотни летала од Техеран.

Американскиот државен секретар Марко Рубио негираше каква било помош или вмешаност на САД во нападот, а Си-Ен-Ен објави дека американскиот претседател Доналд Трамп свикал состанок на владата.

Голем дел од земјите во тој регион веќе го затворија својот воздушен простор.

Индиската влада започна официјална истрага за трагичната авионска несреќа во четвртокот на „Ер Индија“, потврди министерот за цивилно воздухопловство Рам Мохан Наиду во објава на социјалните мрежи. Според последните извештаи на медиумите, вкупно 265 мртви тела се донесени во болницата во Ахмедабад, каде што се случи авионската несреќа. Меѓу загинатите имало 241 лице во несреќниот авион Боинг, додека останатите жртви биле на земја.

Авионот Боинг 787-8 кој летал за Лондон, се урна веднаш по полетувањето од меѓународниот во Ахмедабад, околу 17 километри јужно од Гандинагар, главниот град Гуџарат.

Официјалната истрага беше иницирана од Бирото за истраги на авионски несреќи, во согласност со меѓународните протоколи поставени од Меѓународната организација за цивилно воздухопловство, рече федералниот министер. Тој додаде дека индиската влада, исто така, формира комисија на високо ниво, составена од експерти од повеќе дисциплини за детално да го испита ова прашање. По падот на Ер Индија, акциите на Боинг паднаа на Њујоршката берза, затворајќи за 4,79 отсто пониско во четвртокот.