Преглед на вестите од светот
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека веројатно ќе побара од Иран да ја прекине својата нуклеарна програма на разговорите следната недела, додавајќи дека благодарение на нападите на САД врз Иран, војната меѓу Израел и Техеран заврши брзо. Тој рече дека неговата одлука да употреби бомби за уништување бункери во нападот во неделата ја уништила нуклеарната програма на Иран, додавајќи дека тоа е „победа за сите“.
Трамп на самитот на НАТО во Хаг изјави дека не мисли дека Иран повторно ќе се обиде да развие нуклеарно оружје. Иран со децении наназад ги негираше обвинувањата на западните лидери дека сака да произведува нуклеарно оружје.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека тој и американскиот претседател разговарале, за купување на американско оружје и системи за противвоздушна одбрана, како и за потенцијална соработка меѓу Киев и Вашингтон во производството на беспилотни летала, а Зеленски нагласил дека Украина е подготвена да ги поддржи американските производители на оружје, потенцијално со европска помош. Тој го информирал Трамп за разговорите меѓу украинската и руската делегација во Истанбул, како и за размената на затвореници и тела на убиените, додавајќи дека разговарале и за постигнување вистински мир во Украина.
Рускиот претседател Владимир Путин секако не може да биде задоволен од она што го постигна со неговите постапки, изјави генералниот секретар на НАТО, Марк Руте на прес-конференцијата по завршувањето на заседанието на Северноатлантскиот совет на ниво на шефови на држави или влади во рамки на Самитот на Алијансата во Хаг.
Руте посочи дека не го променил своето мислење за Путин и дека воопшто не му верува, потсетувајќи дека јули 2014 година, кога беше холандски премиер, рускиот претседател го убедувал оти Русија нема никаква врска со соборувањето на малезискиот патнички авион на лет од Амстердам до Куала Лумпур над територијата на Украина.
Хуманитарната фондација за Појасот Газа соопшти дека дистрибуирала 33.600 пакети со храна на три локации во Газа. Фондацијата, чија работа е поддржана од Израел и Соединетите Американски Држави, соопшти дека отворила три места за дистрибуција на храна - два во јужниот дел на Појасот Газа и еден во централниот дел од палестинската енклава, објави „Тајмс оф Израел“. Од Фондацијата посочија дека пакетот со храна содржи доволно храна за пет лица за 3,5 дена.
Обединетите Арапски Емирати и Светската здравствена организација (СЗО) доставија медицинска помош до здравствените установи во Појасот Газа како дел од хуманитарната иницијатива „Храбриот витез 3“.
-
Марјан Ников
Сите содржини од овој новинар