Преглед на вестите од светот
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека Москва е заинтересирана Иран да продолжи да соработува со Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), и покрај гласањето на иранскиот парламент за прекин на таа соработка. Гласањето доаѓа по воздушните напади на САД и Израел врз ирански нуклеарни постројки, наводно за да се спречи Техеран да се здобие со нуклеарно оружје – обвинување кое Иран постојано го негира. Лавров истакна дека одлуката на парламентот има советодавен карактер, бидејќи не поседува извршна власт, и дека одлуката за соработка останува во рацете на врховниот лидер на Иран.
Израел би го убил врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, доколку тоа беше можно за време на 12-дневната војна меѓу двете земји, изјави израелскиот министер за одбрана Израел Кац. На почетокот на војната, на 13 јуни, Израел уби неколку високи ирански команданти и нуклеарни научници. Во различни моменти од конфликтот, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и американскиот претседател Доналд Трамп навестија дека животот на Хамнеи може да биде загрозен. Дванаесет-дневниот конфликт заврши со примирје постигнато со посредство на САД.
Украина и Русија спроведоа нова размена на воени заробеници, во рамки на договорот постигнат во Истанбул. Размената, се случила на границата меѓу Белорусија и Украина. Ниту една страна не прецизираше бројки. Според договорот од Истанбул, страните се согласија на размена на затвореници под 25 години, како и на тешко болни и ранети.
Оттогаш, се реализирани седум размени на заробеници. Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека досега биле разменети над 900 лица.
Грчките пожарникари продолжуваат во борбите со пожарите. Шумски пожар изгоре резиденции и викендички во близина на крајбрежниот град Палаја Фокаја, 40 км јужно од Атина, принудувајќи ги луѓето да бги напуштат своите домови. Пожарите беснеат речиси цела недела. Во оваа област на терен активни се 130 пожарникари кои се поддржани од 12 авиони и 12 хеликоптери, но дополнителен проблем се и силните ветрови. Властите изјавија дека ризикот од шумски пожари ќе остане висок до петок кога се очекува намалувае на температурите, кои деновиве достигнаа и до 38 степени.
Обилни дождови паднаа во Париз, а силните ветрови корнеа дрвја, кои беа расфрлани по улиците во четврток. Повеќе од 100.000 домаќинства останаа без електрична енергија низ цела Франција, соопшти цивилна безбедност, а беа направени и други видови материјална штета. Од невремето и две лица ги загубија животите и двете од паднати дрва.
-
Марјан Ников
Сите содржини од овој новинар