Преглед на вестите од светот
Дваесет и две лица, вклучувајќи жени, деца и еден локален новинар, беа убиени во понеделник во израелски воздушен напад врз кафуле на плажа во градот Газа, соопштија медицински лица.
Еден од очевидците рече дека кафулето било засолниште за Палестинците за време на интензивната жештина и високите температури, опишувајќи го како „популарно рекреативно место кое го посетуваат деца и жени“. Израелските тенкови навлегоа во источните области на предградието Зејтун во градот Газа и гранатираа неколку области на север, додека авионите бомбардираа најмалку четири училишта откако им наредија на стотици семејства кои се засолнуваа внатре да си заминат.
Израелската војска соопшти дека ги погодила милитантните цели во северна Газа, вклучувајќи ги и командните и контролните центри, откако презела чекори за ублажување на ризикот од повредување на цивилите. Бројката на загинати во текот на вчерашниот ден изнесува 71 лице.
Германија се соочува со топлотен бран и температури кои надминуваат и 40 степени, а локалните метеоролошки власти издадоа предупредување, а граѓаните да избегнуваат напорни активности и да користат заштита од сонце. Германската метеоролошка служба предвиде дека топлотниот бран може да се ублажи во четврток кога студен фронт, кој се движи кон југоисток од северозапад, ќе донесе дожд и грмотевици во делови од земјата.
На високите температури разладување сакаат и животните во зоолошката градина во Берлин. Слоновите Анчали и Панг Фа уживаа во тушот од нивниот чувар, ова особено што за овие два дена најавени се и повисоки температури во главниот град на Германија. Покрај тушевите, на животните во зоолошката градина во Берлин им беа дадени специјални ладни задоволства со храна замрзната во мраз.
Високите температури ја погодија и Белгија, а жителите на дом за стари лица ги ладеа нозете во импровизиран базен. Тоа е начин за разонода и за оваа возрасна категорија, особено што прозорците се затворени, не е дозволена посета на градината, а часовите по гимнастика беа откажани во домот поради високите температури. Препораките се за старите лица да пијат течности, да се разладуваат и да избегнуваат физички активности.
И Британците се соочуваат со топлотниот бран и најавени за денеска 34 степени, а предупредувањето се очекува да остане на сила до среда. Вчера стартуваше и најстариот тениски турнир Вимблдон, а спорет метеоролозите ова може да биде најжекиот почеток на турнирот во историјата. Рекордната температура е забележана во 2001 година со 29,3 степени, што е за неколку степени под оние 35,7 степени во Мелбурн на Австралија опен. Ако температурата е над 30 степени на играчите им е дозволена пауза од 10 минути, а вчера за време на мечот Алкараз – Фоњини на еден гледач му се слоши. Сепак посетителите на Вимблдон уживаат и деликатесот на турнирот неизбежните јагоди со шлаг. Британците сепак разладување имаат во Брајтон, каде покрај морето го користат и базенот за избегнување на високите температури.
Со високите температури и тоа над 40 степени се соочуваат локалното население и туристите во Севиља и во Рим.Многу луѓе избраат да користат чадори и да се разладат со вентилатори, со студени пијалоци и вода од улична фонтана. Дел од туристите во Рим, имаа само кус коментар дека се чувстуваат како да се во сауна. Високи температури со над 40 степени се очекуваат деновиве и во другите италијански градови Фиренца, Џенова.
-
Марјан Ников
Сите содржини од овој новинар