Преглед на вестите од светот
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, објави дека Брисел е подготвен да ги заштити интересите на ЕУ, откако американскиот претседател Доналд Трамп објави дека ќе воведе царина од 30 проценти за европските стоки и производи од 1 август.
Според фон дел Лајен, царините од 30 проценти за увоз на стоки од ЕУ значително ги нарушиле трансатлантските синџири на снабдување, на штета на бизнисите, потрошувачите и пациентите од двете страни на Атлантикот.
Во текот на ноќта, израелска авијација реализирала напад врз станбена куќа во Газа, при што, загинале повеќе лица.
Нападот се случил доцна синоќа, а локални жители изјавиле дека зградата била целосно уништена. Бројот на жртви засега не е официјално потврден, но спасувачките екипи трагаат по преживеани под урнатините.
Израелската војска засега нема коментар за нападот, но ваквите воздушни операции се зачестени од почетокот на конфликтот со Хамас во Газа.
Воениот судир, кој трае од октомври 2023 година, досега однесе илјадници животи и ја продлабочи хуманитарната криза во Појасот Газа.
Делови од шпанската област Каталонија беа зафатени од силни поплави, по обилните дождови кои паѓаа во петокот вечерта.
На снимки објавени од противпожарната служба се гледаат поплавени патишта и обработливи површини, откако шпанската метеоролошка агенција издаде неколку црвени аларми за опасно време.
Каталонската противпожарна служба информира дека примила над 200 повици за интервенции поради бурата, а во тек се и потраги од воздух со хеликоптер.
Властите апелираат граѓаните да останат внимателни и да не се приближуваат до водотеците, бидејќи постои ризик од нови надоаѓања.
-
Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар