Преглед на вестите од светот
Гласни експлозии рано утрово беа видени од јужен Израел, додека надежите за прекин на огнот меѓу Израел и Хамас висат на конец. Повторените напади на израелските сили во последните недели убија стотици жители на Газа, многу од нив цивили, а повредија илјадници, според локалните здравствени власти, ставајќи огромен притисок врз малкуте преостанати болници во енклавата.
Преговарачите на Израел и Хамас учествуваат во најновата рунда разговори за прекин на огнот во Доха од 6 јули, дискутирајќи за предлогот поддржан од САД за 60-дневен прекин на огнот, кој предвидува постепено ослободување на заложниците, повлекување на израелските трупи од делови од Газа и дискусии за прекин на конфликтот. Сепак, почетниот оптимизам дека може да се постигне договор се намали во последните денови.
Русија сака да разбере што ја мотивирало изјавата на американскиот претседател Доналд Трамп дека Русија мора да се согласи на мировен договор во Украина во рок од 50 дена, изјави рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров. На прес-конференција на маргините на 25-от состанок на министрите за надворешни работи на Шангајската организација за соработка (ШОС) во кинескиот град Тјенџин, тој рече дека не се сомнева дека Русија ќе се справи со какви било нови санкции.
„Јасно е дека Трамп е под огромен, би рекол непристоен притисок од ЕУ и сегашното раководство на НАТО, кои безцеремонијално ги поддржуваат барањата на Зеленски и продолжуваат да го снабдуваат со модерно, вклучително и офанзивно, оружје на сметка на сè поголема и поголема штета на даночните обврзници во западните земји, додаде Лавров.
Шефовите на дипломатиите на земјите членки на Европската Унија не успеаја да постигнат договор за воведување на еден од најстрогите, 18-ти по ред, пакет санкции кон Русија, соопшти високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас по завршувањето на состанок на Советот за надворешни работи на Унијата во Брисел.
Словачкиот премиер Роберт Фицо објави дека неговата влада побарала одложување на гласањето за 18-тиот пакет санкции на ЕУ против Русија, тврдејќи дека сегашниот предлог на Европската комисија е „несоодветен“ за интересите на Словачка.
Организаторите на Зимските олимписки игри Милано-Кортина 2026 ги презентираа медалите што ќе им бидат доделени на спортистите за време на Зимските Олимписки Игрите следната година.
Медалите го имаат традиционалниот олимписки симбол со олимписките кругови и местото на одржување на другата страна. Вкупно има по 245 медали во комплет, како и 137 комплети на Параолимписките игри.Милано и градот Кортина д'Ампецо, еден од најпознатите скијачки центри во Италија, се главни домаќини на Игрите, кои ќе се одржат од 6 до 22 февруари следната година. Параолимписките игри ќе следат следниот месец.
-
Марјан Ников
Сите содржини од овој новинар