Преглед на вестите од светот
Завојуваните страни во Сирија се согласија за конкретни чекори што би ги прекинале борбите во земјата, изјави американскиот државен секретар Марко Рубио. Претставник на Европската Унија го повика „Израел веднаш да ги прекине нападите“ во Сирија, додека сириската државна телевизија соопшти дека земјата ги поздравува напорите на САД и арапските држави за мирно решавање на сегашната криза.
сириските власти синоќа објавија нови израелски воздушни напади врз периферијата на Дамаск, откако претходно беа погодени штабот на сириските вооружени сили и областа околу претседателската палата во главниот град, а сириското Министерство за здравство објави дека десетици тела на мртви војници и цивили се пронајдени во болница во јужниот град Свеида, каде се водат судири меѓу милициите на Друзите и владините сили.
Сирискиот претседател Ахмед ал-Шара денеска го обвини Израел дека се обидува да ја вовлече Сирија во војна и изјави дека неговата земја нема да ја прифати провокацијата.
Сирија го повика Советот за безбедност на Обединетите нации да се состане што е можно поскоро за да „се справи со последиците од израелската агресија на сириска територија“, а генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, ги осуди израелските воздушни напади врз Сирија.
Религиозниот водач на друзите, шеикот Јусеф Џарбу, изјави дека друзите во Сирија постигнале договор за прекин на огнот со сириската влада во Свеида, кој стапува на сила веднаш.
ИДФ соопшти дека воениот штаб го користеле сириските владини сили за испраќање војници во градот Свеида, каде што избувнале судири меѓу сириските владини сили и Друзите.
Началникот на израелскиот Генералштаб, Ејал Замир, најави зголемување на трупите на границата со Сирија и појава на капацитети за надзор и офанзивни капацитети.
Украина е подготвена да ги продолжи разговорите со Русија, изјави украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха. Министерот не даде конкретен датум за разговорите.
Тој го повтори повикот на Киев за средба меѓу лидерите на Русија и Украина, додавајќи дека ова би бил најефикасниот чекор кон постигнување прекин на огнот.
- Подготвени сме за такви разговори во кој било формат и на кое било место, рече Сибиха за време на посетата на полскиот град Лублин.
-
Марјан Ников
Сите содржини од овој новинар