Преглед на вестите од светот
Повеќе експлозии беа видени и слушнати рано наутро во Газа, откако израелскиот политичко-безбедносен кабинет одобри план за преземање контрола врз градот Газа, најголемиот град во енклавата што се наоѓа на север.
ОН силно се спротивставува на проширувањето на израелската офанзива во Појасот Газа, објави ДПА, повикувајќи се на синоќешната изјава на заменик-портпаролот на ОН, Фархан Хак, во Њујорк.
Одобрувањето на кабинетот дојде неколку часа откако премиерот Бенјамин Нетанјаху изјави дека сака контрола врз појасот Газа, но не трајно сакаме да имаме безбедносен периметар, но не сакаме да ја управуваме. Сакаме да ја предадеме на арапските сили“, објасни израелскиот премиер.
Израелската војска соопшти дека контролира околу 75% од Газа. Поголемиот дел од населението на Газа од околу 2 милиони е раселено повеќе пати во текот на изминатите 22 месеци, а групите за помош предупредуваат дека жителите на енклавата се на работ на глад.
Иако бројот на камиони со хуманитарна помош што влегуваат во Газа е во пораст, испораките се уште се помали од нивоата договорени меѓу Европската унија и Израел, јавија западни медиуми кои имаа увид во документ на ЕУ.
Според документот, помеѓу 29 јули и 4 август, 463 камиони со помош биле истоварени на премините кон Газа, според податоци од ОН и партнерските организации. Документот се однесува на напорите за подобрување на пристапот до хуманитарна помош договорени минатиот месец.
Огромен шумски пожар од вторникот го пустоши регионот Од во јужна Франција од уништувајќи повеќе од 17.000 хектари вегетација.
Пожарот досега одзеде еден живот, а тројца други се водат како исчезнати, според француските медиуми. Густи облаци чад продолжуваат да се издигаат од изгорените ридови, а мирисот на изгорена вегетација се чувствува во воздухот. Над 2.100 пожарникари, поддржани од 500 возила и воена помош, се распоредени за да се борат со пламените јазици и на терен и од воздух. Катастрофата сериозно ги наруши локалните заедници, па затоа се поставени 17 привремени засолништа за раселените жители.
Причината за пожарот сè уште е под истрага.
Француската метеоролошка агенција предупреди на нов топлотен бран што се очекува од 8 август и ќе ги зголеми ризиците од пожари. Од почетокот на летото се пријавени околу 9.000 пожари, главно по должината на медитеранскиот брег.
-
Марјан Ников
Сите содржини од овој новинар