Loading Video...
Свет
13. August 2025 - 16:33

Преглед на вестите од светот

Поранешната прва дама на Јужна Кореја, Ким Кеон Хи, е уапсена поради обвиненија за корупција и мито. 

Таа е обвинета за примање скапи подароци, луксузен привезок, две чанти и дијамантско ланче, кои не ги пријавила. Подароците, наводно, ги добила од бизнисмени и верски лидери за да обезбеди политичко влијание во корист на нивните бизнис интереси. 

Обвинителството побарало, а судот одредил притвор поради опасност од уништување докази и попречување на истрагата. Нејзиниот сопруг, поранешниот претседател Јун Сук Јол, исто така е во притвор и му се суди за обид да воведе воена состојба.

Украинскиот претседател, Зеленски, пристигна во Берлин, каде ќе има средба со германскиот канцелар Фридрих Мерц. Потоа ќе учествува на видеоконференција со европските лидери, генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, и американскиот претседател, Доналд Трамп.

Украина се надева дека состанокот ќе послужи како европска противтежа на средбата меѓу Трамп и Путин во Алјаска. 

Неизвесноста околу исходот од руско-американскиот состанок предизвика стравувања во Европа дека Трамп и Путин би можеле да донесат далекусежни одлуки, па дури и да извршат притисок врз Украина да прифати неповолен договор.

Во нов израелски воздушен напад врз Кан Јунис во Газа, загинаа пет лица, меѓу кои и брачна двојка со нивното дете, додека уште четворица беа убиени во напад врз шаторски камп. 

Истовремено, во Газа продолжува да се продлабочува хуманитарната криза. Светската здравствена организација соопшти дека болниците работат далеку под нивните капацитети, има сериозен недостиг на лекови и медицинска опрема.

„Целокупната здравствена состојба останува катастрофална низ Појасот Газа. Во моментов, помалку од 50 проценти од болниците и помалку од 38 проценти од центрите за примарна здравствена заштита низ Појасот Газа се делумно или минимално функционални. Исто така, забележано е значително намалување на таканаречените медицински пунктови“, рече Рик Пиперкорн, претставник на СЗО.

Во меѓувреме, 25 земји, меѓу кои Велика Британија, Франција и Канада, побараа Израел да дозволи непречен влез на помош во Газа, предупредувајќи дека состојбата станала „незамислива“ и барајќи итна меѓународна акција.