Loading Video...
Свет
16. September 2025 - 12:16

Преглед на вестите од светот

Руските сили извршија масовен напад рано во вторник врз Запорожје. при што загина едно лице, беа повредени седум и беше предизвикан голем број пожари, изјави регионалниот гувернер. Иван Федоров рече дека меѓу повредените е едно дете. Јавниот радиодифузен сервис „Суспилне“ соопшти дека имало најмалку 10 напади врз градот.

Русија во понеделник соопшти дека нејзините сили ја презеле контролата врз населбата Олговское во украинскиот Запорожски регион, додека Украина, во исто време, објави дека ги одбила руските офанзиви во повеќе насоки.

Американскиот претседател, Доналд Трамп, по трговскиот состанок меѓу САД и Кина во Мадрид, на неговата социјална мрежа Truth Social напиша дека разговорите поминале добро и дека се блиску до договор.

„Големиот трговски состанок во Европа меѓу САД и Кина помина МНОГУ ДОБРО! Наскоро ќе биде заклучен. Постигнат е договор и за „одредена“ компанија што младите луѓе во нашата земја навистина сакаат да ја спасат. Тие ќе бидат многу среќни! Ќе разговарам со претседателот Си во петок. Врската останува многу силна!!!“, напиша Трамп на Truth Social, очигледно мислејќи на апликацијата ТикТок. 

Американскиот министер за финансии, Скот Бесент, додаде дека дополнителни детали ќе бидат утврдени в петок, на состанокот меѓу Трамп и кинескиот претседател Си Џинпинг.

Американскиот државен секретар Марко Рубио во Ерусалим вети „непоколеблива поддршка“ од Вашингтон за Израел во постигнувањето на неговите цели во Појасот Газа.

Рубио наведе дека Хамас е охрабрен од чекорите на Франција, Велика Британија и на други држави за признавање на палестинската држава. Според него признавањето на палестинска држава „главно се симболични“ потези. Посетата на Рубио на Израел уследи откако израелската армија се обиде да ги елиминира лидерите на Хамас кои живеат во главниот град на Катар, Доха.