Македонија
7. March 2022 - 16:30

Препораките на Комисијата за заразни болести утре на владина седница, епидемиолозите бараат укинување на рестрикциите

После еден месец Координативниот кризен штаб во петокот ги прифати препораките од Комисијата за заразни болести. Како што не информираа од Владата, најверојатно утре ќе се најдат и пред министрите за да можат да стапат на сила. На овие мерки најмногу чекаа прележаните за да може сертификатот од сегашните 45 да има важност 180 дена. Нема веќе да има и документи за примени вакцини и негативен ПЦР за излез од земјава како и потврда за вакцинација за влез во моловите. Меѓу предлозите на советодавното тело на министерот за здравство кои ќе се најдат на владина седница се и враќање на трудниците на работа а студентите да посетуваат предавања со физичко присуство. Согласно актуелната состојба, епидемиолози со предлог дека постепено треба укинување и на останати рестрикции. За почеток паѓање на маските во затворен простор.

- Во поголеми затворени простории каде нема толку блиски контакти треба се симнат маските. Доаѓаат летни месеци, луѓето нема толку време да бидат во затворен простор ќе бидат надвор, просториите ќе се проветруваат, меѓутоа според мене уште малку ќе треба да се придржуваме кон она држење на растојание, вели д-р Сашо Олумчев, епидемиолог.

Дали симнувањето на маските ќе биде на дневен ред ќе се знае на состанокот на Комисијата во среда. Во меѓувреме од Министерството за здравство објавија дека преку нивната кампања за имунизација на ризичните групи, за два дена вакцини примиле над 1500 лица. Постарите од 65 години и помлади со коморбидитети добиваат СМС порака од Мој термин со точно време кога да се појават во најблискиот пункт за вакцинација.