Претседателот на Уставен итно да поднесе оставка – албанските партии со жестоки реакции
Ставовите на првиот човек на Уставен за албанскиот јазик во примената на системот „Безбеден град“ ги налути албанските партии
ДУИ бара итна оставка од Дарко Костадиновски, во спортивно од партијата предупредуваат дека тој ќе ја сноси одговорноста за секоја последица по меѓуетничките односи.
Со оваа постапка, претседателот на Уставниот суд не само што ги надминува своите надлежности, туку брутално интервенира во правниот поредок и во меѓуетничките односи во државата. Дали вреди да се запали државата само за вашата сопруга да биде унапредена од Основен во Апелационен суд? Запомнете, Костадиновски: за овие постапки ќе одговарате – порано или подоцна, но ќе одговарате. ДУИ останува цврсто определена во одбрана на уставниот поредок, еднаквоста и духот на соживот во државата. Секој обид за нарушување на овие принципи ќе добие соодветен политички и демократски одговор, реагираат од партијата на Ахмети.
Овој состав на Уставен се повеќе наликува на југословенска политичка елита отколку на највисока судска инстанца, велат и од ВРЕДИ.
ВЛЕН беше јасен и останува непоколеблив на ставот дека кога државата го известува, предупредува или санкционира граѓанинот преку овој систем, таа има обврска тоа да го прави и на албански јазик. Ова не е прашање на политичка волја, туку уставна обврска и почитување на едно темелно право. Токму затоа, ВЛЕН ќе го брани овој принцип со сите правни и институционални средства, сè до негово целосно спроведување и без никаква дилема.
Уставен вчера ги отфрли трите иницијативи кои се однесуваа на дилемите дали пораките за сторен прекршок треба да пристигнуваат и на албански јазик, дали е селективна примената на системот само во Скопје, Тетово и Куманово, дали граѓаните мора да поседуваат мобилен телефон и колку се заштитени нивните лични податоци. Според претседателот Костадиновски системот е проектиран да препознае возило, а не јазик. Ако Македонија е рекордер по сообраќајни несреќи, тогаш возилата стануваат оружје, а оние кои сакаат да возат ќе треба да поседуваат мобилен, во спротивно можат да одат и со коњ, посочи Костадинвски
Судијката известител пак Ана Павловска Данева образложи дека системот „Безбеден град“ не е дискриминаторски бидејќи Законот за прекршоци во ниту еден сегмент не ја негира употребата на албанскиот јазик, ниту пак го ограничува системот да важи само во одредени градови. Но, за тоа како се применува законот, надлежно е МВР, а не Уставниот суд.
-
Деспина Tодоровска
Сите содржини од овој новинар
