Македонија
16. August 2025 - 11:37

Примил 10 000 евра за наводно да влијае врз судски постапки, кривична против лице од Скопје

Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при МВР до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднесе кривична пријава против П.Г. (59) од Скопје поради основи на сомнение за сторено кривично дело „примање награда за противзаконито влијание“ од член 359 став 7 во врска со став 2 од Кривичниот законик.

Од април до август годинава, П.Г. примил награда од 10.000 евра за да интервенира со искористување на своето претпоставено влијание да се изврши службено дејствие што не би смеело да се изврши, односно наводно да влијае врз одлуки во граѓански судски постапки пред Основниот граѓански суд Скопје и пред Апелациониот суд Скопје.

Сведок-пријавител во постапката е управител на правно лице, кој најпрво почнал да добива информации дека спротивната страна во судски спор врши сериозно влијание врз судиите кои одлучувале во првостепените и второстепените постапки, давајќи поткупи за да се донесат одлуки во нивна полза.

Сакајќи да ги провери таквите информации, од свој познаник-пензиониран судија добил контакт од обвинетиот, кој му бил претставен како "лице кое ги познава состојбите во судовите и е близок со судии од Апелациониот суд Скопје".

Сведокот и неговиот брат се сретнале со осомничениот, кој директно им побарал 16.000 евра за да се завршел спорот во корист на правното лице - семејната фирма на сведокот. Ги уверувал дека другата страна давала многу повисоки износи, но судиите не сакале да се нафатат за да пресудат нешто што не било правно основано.

Бидејќи сведокот му кажал дека не може да обезбеди толку пари наеднаш, се договориле за исплата на три рати. На 30 април, чувствувајќи дека нема друг избор, сведокот му дал на осомничениот 5000 евра.

Осомничениот го уверил да не се грижи за исходот, па целиот период биле во комуникација во врска со постапката. Во тој период сведокот решил да ја пријави трговијата со влијание и при следната исплата на 5000 евра, осомничениот е лишен од слобода веднаш по приемот на парите.