Пристигнаа првите 17 американски „Stryker-и“ - Мисајловски најавува нови набавки за модернизација на АРМ
Безбедносната состојба во Македонија е стабилна, уверува премиерот.
-Стабилна, без да има одредени осцилации. Апсолутно ја имаме под контрола состојбата. Се разбира, предизвици има и ќе има. Тоа е жива материја, динамична материја. Но ние сме тука да ја следиме и реагираме доколку има потреба од тоа.
Пристигна првата транша од американските лесни оклопни возила „Stryker“. 17-те возила се распоредени во Скопје и Штип. Во моментов се врши обука на војниците за нивно користење.
Станува збор за мобилно оклопно возило на осум тркала кое може да има повеќе намени на бојното поле, од извиднички мисии, пренос на војници, евакуација... Максималната брзина која може да ја достигне е 100 километри на час, што му дава исклучителна мобилност.
Освен возачот и нишанџијата, кои се дел од екипажот, во него може да се превезува една единица составена од 9 војници. Поседува модерна опрема и далечинско управување со вооружената купола на кровот, што на нишанџијата му дава дополнителна заштита.
-Северна Македонија прави вистински и видлив чекор напред во модернизацијата на своето вооружени сили и зајакнувањето на своето место во НАТО Алијансата. Овие „Страјкери“ се многу повеќе од едноставно возило во вашиот инвентар. Тие се конкретен знак на нашето партнерство и јасен израз на нашата заедничка посветеност да ги браниме нашите земји, нашата Алијанса и вредностите за кои се залагаме, рече в.д. амбасадорката на САД во земјава.
Освен новите „Stryker-и“, во соработка со САД, Армијата реставрира стари возила кои до скоро биле чувани во депоата на АРМ.
Министерот за одбрана вели дека модернизацијата на Армијата ќе продолжи и во иднина, најавувајќи набавка на ново вооружување и дронови.
-Она што го бара НАТО од нас е да вложуваме 20% во модернизација, ние го правиме тоа уште повеќе. Преку 32% од нашиот Буџет се директно за модернизација. Следат уште многу проекти бидејќи во изминатиот период заедно со нашите пријатели од САД направивме повеќе договори влада со влада. Најголем дел од нив поминаа во Собранието. Очекуваме следниот период дополнителни наоружувања, дополнителна опрема, беспилотни летала, опрема за специјалните единици и многу многу проекти, рече министерот Мисајловски.
Армијата „Stryker-ите“ ги чекаше цели седум години, со оглед на тоа што нивната набавка беше почната уште во 2019 година. Но доаѓаат во време на затегнати геополотички односи на Блискиот исток и неизвесност во светски рамки.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар
