Македонија
5. March 2026 - 16:34

Продолжен притворот за 48 часа за сопругот на Ивана, по трагедијата во Карпош

Продолжен притворот за Стојанче Јовановски за дополнителни 48 часа. На Обвинителството му треба време, бидејќи се вештачат три мобилни телефони, се обезбедуваат и анализираат видео снимки од повеќе критични локации, а се обезбедува и целокупна документација за претходни поплаки и пријави за семејно насилство на осомничениот и починатата Ивана, која заедно со нејзината ќерка скокна од балкон во населбата Карпош. 

Уште овој пат може да му се продолжи краткотрајниот притвор. Откако ќе истечат овие 48 часа, Обвинителството може да побара редовен притвор доколку има потреба, нагласуваат отаму. 

Од МВР во денешниот билтен нема случаи на пријавено семејно насилство, додека синоќа двајца мажи од Скопје беа повикани на службен разговор поради пријава дека физички ги малтретирале нивните сопруги. Но откако министерот Тошковски ја испрати телеграмата до сите полициски службеници, за како да постапуваат во овие случаи согласно новите измени на Кривичниот законик, од МВР појаснуваат дека. 

Во делот на понатамошното постапување по извршен службен разговор со лице пријавено за насилство, полициските службеници постапуваат во координација со надлежниот јавен обвинител, за што се должни веднаш да го известат. Понатамошните мерки и активности, вклучително и евентуално задржување или предлагање соодветни мерки, се преземаат по насоки на надлежниот јавен обвинител и во согласност со законските одредби.

Премиерот Мицкоски, апелираше до сите жртви на семејно насилство да не се повлекуваат од пријавите против насилникот, бидејќи во тој случај институциите се немоќни да постапат. 

Стојанче Јовановски, сопругот на Ивана и таткото на Катја кои починаа на лице место при пад од балкон, е осомничен дека ја навел на самоубиство, за нанедување телесни повреди и загрозување на сигурноста. 

Во меѓувреме МВР спроведува внатрешна контрола за полициските службеници за дента кога два часа пред трагичниот настан, Ивана пријавила семејно насилство, но се повлекла од пријавата, а полицијата си заминала од местото бидејќи не видела телесни повреди кај неа.