Продолжуваат спасувачките акции по земјотресот во Колумбија, досегашниот биланс најмалку 164 загинати

Најмалку 164 лица загинаа во силниот земјотрес со магнитуда од 7,4 степени што ја погоди централна Колумбија, додека спасувачките екипи и денеска продолжуваат со потрагата по преживеани под урнатините.
Земјотресот што вчера рано изутрината ја потресе областа позната по производството на кафе, предизвика големи разурнувања во повеќе градови, меѓу кои Кали и Переира, а сериозно е оштетен и историскиот центар на Манизалес, каде што се урна еден од високите делови на катедралата.
Спасувачките екипи, со поддршка на полицијата, армијата и волонтери, цела ноќ ги пребаруваа урнатините со багери, но и со голи раце, во обид да пронајдат преживеани под урнатините.
Најмалку 85 лица загинаа во Кали, град со околу 2,2 милиони жители, каде што десетици згради се целосно урнати или сериозно оштетени. Во една од градските болници се урнаа неколку горни катови, меѓу кои и Одделението за педијатрија, при што дел од пациентите останале заробени, а околу 600 други пациенти биле евакуирани и згрижувани на улица.
Во Переира, главниот град на тешко погодениот регион Рисаралда, досега се потврдени 66 загинати. Дел од станбените блокови се претворени во купишта бетон и искривен метал.
Уште 13 лица загинале во Чоко, рурална област најблиска до епицентарот на земјотресот.
Претседателот Абелардо де ла Есприела, кој ја презеде функцијата пред само неколку дена, изјави дека во Кали 188 лица се водат како исчезнати. Тој најави распоредување на илјада припадници на безбедносните сили во градот, по пријавените случаи на грабежи.
Во Кали и Переира од синоќа на сила е полициски час.
МИА
Ново на Сител
-

Жените од руралните средини со мала вклученост во општествениот и социјалниот развој, нивниот глас не се слуша
-

Дел од македонските земјоделци се уште работат со механизација стара неколку децении
-

Преглед на вестите од светот
-

Тема на денот со Бојан Маричиќ, претседател на ДИК
-

Нема да ја екстрадираме Ива Михаилова, вели бугарскиот министер за внатрешни работи
-

Претреси на 40 локации низ државата, пронајдени дрога, оружје, пари и мачети
-

Брвеница утре избира градоначалник, денеска гласаат болни, изнемоштени и затвореници
-

Специјална Олимпијада: Историски успех на нашите атлети во Малта
