Македонија
4. March 2026 - 21:02

Продолжуваат тензиите на Блискиот Исток: Каква е безбедносната закана за Македонија?

Она што започна како воена операција на САД и Израел против иранскиот режим, брзо прерасна во една од најсериозните геополитички кризи во последните децении. Новите анализи на израелските официјални лица укажуваат на тоа дека ракетниот арсенал на Техеран има значително поголем дострел од претходните проценки, со капацитет да досегне длабоко во територијата на Европа.

Израелското МНР денеска објави дека иранските ракети со среден и долг дострел, како Шахаб-3 имаат дострел до 2.000 километри. Според Картата објавена од Центарот за стратешки студии покажува дека во зоната на потенцијална закана се наоѓаат Атина, Софија и Букурешт, како и целиот Западен Балкан. Сепак, воените аналитичари смируваат дека овие податоци се главно теоретски. Тие нагласуваат дека реалната оперативна способност на Иран зависи од прецизноста на наведувањето, силната воздушна одбрана на НАТО и тактичките услови на теренот. 

Тензиите се зголемија откако НАТО неутрализираше иранска балистичка ракета насочена кон турскиот воздушен простор. Попладнево официјална Анкара го повика иранскиот амбасадор на разговори поради ракета и упати протестна нота кон Иран. Според последните  информации, Турција тврди дека не била цел на иранската ракета соборена од системите на НАТО над источниот Медитеран, наведувајќи дека ракетата веројатно била насочена кон грчкиот дел од Кипар. Грците пак денеска испратија и воени бродови за дополнителна заштита на Кипар. 

Но домашните екперти смируваат дека за Македонија безбедносна закана не постои. 

Познавачите оценуваат дека најјаките удари меѓу САД и Израел против Иран се уште не се зададени и тие допрва ќе следуваат. 

Во меѓувреме, 632 македонски граѓани од Блискиот Исток чекаат да бидат евакуирани.

6 од нив во земјава ќе бидат утре транспортирани со владиниот авион од Египет, останатите ќе летаат со чартер- летови - откако ќе заврши владината постапка за јавната набавка за организација на овој транспорт. За реализација на услугата државата ќе одвои 60 милиони денари.

Неколку македонски државјани државјани затекнати во Израел, успешно биле извлечени до Шарм Ел Шеик, од каде со српски владин лет на „Ер Србија “ синоќа слетале во Белград. 

Вечерва слета и првата група Бугари евакуирани од Дубаи. 

Бомбардирањата низ Техеран продолжуваат. Техеран жестоко одговара. Сирени одекнуваат во Тел Авив, предупредувајќи ги граѓаните за ракети лансирани од Иран.