Македонија
1. May 2026 - 13:45

Протест на ССМ за повисока минимална плата и подобри услови за работа

Под слоганот „За плата се бориме – не се молиме“ денеска во Скопје се одржа протест во организација на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), на кој беа побарарани повисоки плати и подобри услови за работа.

Протестот стартуваше од Работничкиот дом на Сојузот на синдикатите на Македонија, продолжи пред републичкото Собранието, до Стопанската комора и заврши пред Владата.

Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов рече дека многу работници денеска и покрај тоа што не се задоволни од нивните плати, се плашат да се придружат на протестите, затоа што сметаат дека протестите се насочени кон некој. 

- Денеска за жал 260 илјади работници живеат со плата под 600 евра, а само неколку илјади луѓе излегоа на протест за 1 Мај, рече Трендафилов.

Тој посочи дека „за жал, голем број работници денес гинат на своите работни места. Наутро заминуваат на работа, а навечер не се враќаат. И никој не презема ништо за нивна заштита“.

- Денеска е 1 Мај, денот кога работниците уште во далечната 1886 година излегле на улица и по цена на своите животи, за да ги заштитат своите работнички права, за да го скратат работниот ден од 12 часа на 8 и за да протесираат - потсети Трендафилов, повикувајќи да се почитуваат работничките права во државата.

Томислав Гиевски, претседател на Независниот синдикат за образование и наука, се осврна на барањата што тие ги имаат.

- Први мај живее и ќе продолжи да живее сѐ додека има работници коишто се на висината на задачата и се борат за своите работнички права, ќе продолжи да живее сѐ додека има синдикати што не се контролирани од центрите на политичка моќ, а на тие што се - нека им служи на чест. Како независен синдикат за образование и наука, стоиме цврстно на нашите барања, а тоа е почитување на колективните договори, почитување на пресметката за плата согласно коефициентот помножен со минимална плата. Бараме во најбрз можен рок да започне почитување на колективните договори и достоинствено вреднување на трудот на вработените во секторот образование. Бараме достоинствена плата и достоинствено вреднување на трудот за вработените во детска заштита - изјави Гиевски.

Тој рече дека нема да се откажат од борбата.

Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) денеска не учествуваше на протестот, со образложение дека решенијата треба да се бараат преку дијалог, а не на улица. 

 

МИА

Ново на Сител