Македонија
27. September 2026 - 19:58

Протест во Скопје за поддршка на поранешните команданти на ОВК

Со албански знамиња и транспаренти на кои пишуваше „Не во мое име“, „Правда“ и „На слободата не и се суди“се одржа протестниот марш во Скопје против пресудите од Хаг за Хашим Тачи и останатите водачи на ОВК. Организаторите го нарекоа процесот во хашкиот суд, политички монтиран а од говорницата упатија остри критики и до косовскиот премиер.

Меѓу присутните беа поранешни министри- членови на ДУИ и лидерот Али Ахмети  кои отворено го поддржаа овој протестен марш, како и претседателот на Албанскиот сојуз Зијадин Села.

Ахмети во изјава порача дека процесот во Хаг е донесен врз основа на скандалозни и политички обвинувања а донесените пресуди не го претставуваат албанскиот народ. Ахмети најави дека денешниот собир во Скопје е само почеток на протестите.

Остри пораки и обвинувања за политички монтиран процес упати и поранешниот командант на ОНА и поранешен пратеник во парламентот Рафиз Алити. Тој побара итна дипломатска акција пред европскиот парламент и укинување на специјалниот суд но упати апел и до домашната власт да не се допираат темелите на Охрискиот рамковен договор.

Од Вреди ја обвинија ДУИ дека ги користи ОВК како штит за сопствените гревови и ги присвојува за да добијат евтини политички поени. Од ВРЕДИ побараа јавно да се одговори на прашањата што содржи досието на специјализираните совети во Хаг што се однесуваат на сведочењето на Ахмети.

-Зошто Али Ахмети ја менуваше квалификацијата на својата улога во постапката пред Специјалниот суд, еднаш велејќи дека бил сведок, а другпат дека не бил сведок во постапката?

-Дали сведочењето на Али Ахмети послужило како основа за подигнување на обвинението против раководството на ОВК од страна на Специјалниот суд во Хаг?

Владејачката коалиција Вреди не даде поддршка на овој марш но преку писмено соопштение изрази разочараност за пресудите.