Протестите се шират пред партиските седишта
29-ти ден масовни протести “За Заедничка Македонија”. Денеска застанаа пред штабот на ВМРО ДПМНЕ, а утре ќе се обратат и од пред СДСМ. Од граѓанската иницијатива ги повикуваат пратениците од двете најголеми македонски партии да не дозволат да се избере претседател на собранието кој нема да ја отфрли тиранската платформа.
-Овој народ секој ден чука на портите на совеста на пратениците од изборни единици на ВМРО-ДПМНЕ, апелираме овој народ чука на портите на вашата совест, изјави Борис Дамовски, од граѓанската инцијатива За Заедничка Македонија.
Пред собранието од граѓанската иницијатива порачаа дека ова е важен момент во овој историски период.
-Во петокот сакаа Тиранска Влада, денес сакаа претседател, ниту една од двете желби не им се исполни благодарение на сите вас на улиците низ цела Македонија. Стануваме се повеќе и повеќе и возможно е да ги менуваме работите, со нашиот ангажман, со нашето присуство, со гласно искажување на нашата љубов за заедничка Македонија и на нашите барања од кои не отстапуваме, отфрлање на Тиранската платформа од сите политички субјекти, вели Богдан Илиевски, граѓанската инцијатива За Заедничка Македонија.
- Без разлика кои се, од која партија доаѓаат ние имаме едно да порачаме, а тоа е дека со национални интереси не се тргува, не смееме да дозволиме кога светот веќе не нé негира како Македонци, како Република Македонија, некој дома да ни кажува како да се викаме и кој јазик да го зборуваме. Затоа би сакал да им порачам на сите оние шарлатани што мислат дека можат да си играат со Македонија и македонскиот народ, чука последниот час кога тие ќе се дрзнат да зборуваат за македонскиот народ и македонскиот јазик. Се знае на кој јазик се зборува во оваа држава и на кој јазик ќе се зборува, а тоа е македонскиот јазик, рече Димитар Атанасовски, ТВ водител.
И попладнето по скопските улици против тиранската платформа маршираа ијладници граѓани.
Од иницијативата За заедничка Македонија нов протест закажаа за утре во 17 часот од пред Владата, а ќе маршираат до пред штабот на СДСМ на Бухачка.
-

Александар Динев
Сите содржини од овој новинар
