„Пулс“ во судница: Кој е виновен за трагедијата во Кочани?
Кога чадот од пожарот во „Пулс“ се уште се чувствуваше во воздухот, а Кочани беше во шок и неверување, истражните органи најавија темелна истрага. Во првите часови од трагедијата, зад решетки беа десетина лица.
„Беше наредно да се апси секое лице кое што со своето постапување или не постапување придонело до настанот и да се испита неговата улога“, изјави тогашниот Јавен обвинител, Љупчо Коцевски.
Истрагата е затворена три месеци подоцна.. Пожарот го предизвикала пиротехника активирана за време на настапот на ДНК.. Вина за трагедијата сносат 34 лица, сопственикот на ноќниот клуб, министри за економија, градоначалници, директори на ДЗС, општински инспектори – сите придонеле за незаконското работење на „Пулс“.
„Поради целосното непочитување на безбедносните правила и заштита од пожар, преполнетоста на објектот со посетители, настанало масовно труење и паѓање на посетителите во ходникот со што напуштањето на објектот било целосно попречено“, изјави Коцевски.
Судовите од истокот немале судии ниту соодветен простор, па предметот беше доделен на скопскиот Кривичен суд. Тој одлучи да се суди во Идризово.
На првото рочиште, силно полициско обезбедување, обезбеден посебен влез за обвинетите, судењето го следат и родителите на загинатите.
На обвинителна клупа седна и сопственикот на фирмата за обезбедување, па адвокатите побараа одложување на првото рочиште.
„Голем срам за адвокатите што ги бранат обвинетите. Со непроспиени ноќи и денови ние знаеме како поминуваме и ги чекаме нашите деца секој момент да се појават и да кажат, “каде си ма мајче“, изјави Светлана Стојанова, мајка на загинатиот Андреј.
Бесот на родителите се прелеа и надвор од судницата.
Судењето почна, според обвинителството, „Пулс“ била смртоносна стапица која никој не сакал да ја види. Обвинетите пак се изјаснија за невини. Прв тоа го кажа сопственикот.
„Не можам да поверувам што се случи“, изјави Дејан Јованов, сопственик на „Пулс“.
За пожарот, се апсеа и полицајци. Обвинети се 23, дел веќе седнаа во судница и негираа вина. Адвокатите во случајот кој веќе се суди, препознаа различни аршини на обвинителството.
Судењето за 35-мина обвинети е во тек, одржани се 15 рочишта. Се сослушуваат сведоци. Откриваат дека од таванот паѓале вжештени капки, помошната врата била заклучена, а единствениот излез бил претесен да се излезе.. Веќе утре, ден по годишнината од големата трагедија, продолжува судењето кое треба да утврди кој е виновен што повеќе од една деценија незаконски работела дискотеката.
-

Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар
