Македонија
22. February 2016 - 20:08

Пункт на итната помош во Петровец за побрза интервенција при несреќи на автопатот Скопје - Велес

Брза помош побргу ќе стигнува на сообраќајна несреќе на автопатот Скопје-Велес. Од идниот месец почнува со работа пунктот за Итна медицинска помош во Петровец. Тим од лекар, сестра и возач 24 часа ќе им биде достапен за околу 30.000 жители од овој регион. Во смена ќе има и уште една медицинска сестра која ќе прима повици за итни интервенции ако во  меѓувреме екипата е излезена на терен.

-Со пунктот за ИМП ја комплетираме примарната базичната основа во однос на здравствениот систем и услугите ќе бидат навистина доближени, одговорот ќе биде побрз, навремен, кога е најпотребно бидејќи ИМП спаѓа во делот на ургентна вонболнична медицина, така што на овој начин, она што го планиравме еве денеска го реализираме и од 1 март пунктот официјално ќе почне со работа, изјави д-р Татјана Баевска Вучковиќ, директор на Здравтвен дом Скопје.

- ИМП ќе опслужува 17 населени места од општина Петровец, пунктот е на идеална местоположба бидејќи ќе се опслужуваат и жителите од Зелениково, дел од Гази Баба, Илинден, изјави Борче Митевски, градоначалник на Петровец.

Министерството за здравство почна да го релизира најавеното двојно зголемување на бројот на тимови во скопската Брза Помош. Во главниот град наместо 25 ќе има 50 екипи. Целта е да се зајакнат капацитетите на службата и да се намали времето на пристигнивање на возилото на местото за интервенција.

- Ние во континуитет го намалувавме времето на одговор на повик, па некаде од над 42 или 43 минути дојдовме на 38 минути во просек, што е во рамки на просекот на земјите во регионот. Наша интенција е овој период да го намалиме на 19 до 20 минути што ќе биде сериозно најниско време на одговор на повик на ИМП и во регионот, но и пошироко Никола Тодоров, министер за здравство.

Со новите тимови во службата за Брза помош покрај во Петровец вакви пунктови ќе има и во Сарај и Чучер Сандево, а во градските општини ќе се зголеми бројот на екипи за време на шпицот.