Работете од дома, возете помалку, користете јавен превоз - итни препораки од меѓународната агенција за енергетика
Работете од дома, користете повеќе јавен превоз или во ист автомобил возете се повеќемина, намалете ја брзината на автопатите - Меѓународната агенција за енергетика издаде итни препораки за заштеда на нафта.
Агенцијата вели декa светот се соочува со сериозна енергетска криза поради војната на Блискиот Исток и ги повика владите, компаниите и граѓаните веднаш да преземат мерки за намалување на потрошувачката, пред цените на горивата да излезат од контрола.
Европа се подготвува за нов ценовен удар, а првите чекори веќе се прават. Европската комисија им предложи на земјите членки да ги намалат даноците на електричната енергија и да ги субвенционираат цените.
Регионот презема дополнителни мерки. Во Србија, Вучиќ најави ново кратење на акцизите за горивата за 40%, што со претходното намалување достигнува вкупно 60%. Дополнително, државата пушта 40 илјади тони од стоковите резерви. Владата на Хрватска во понеделник повторно ќе донесе одлука за ограничување на цените на горивата.
Грција, пак, веќе ги ограничи маржите – не само на горивата, туку и на производите во супермаркетите, и тоа во наредните три месеци.
Македонија засега без конкретни мерки. Опозициската СДСМ излезе со сет антикризни предлози: намалување на ДДВ за горивата од 18% на 5%, намалување на акцизата за 4 денари по литар, укинување на ДДВ за основните прехранбени производи и преполовување на цените на патарините.
-Доколку продолжи судирот на Блискиот Исток се предвидува зголемување на цената на нафтата и за 80%. Следува нов бран на сиромаштија, дополнителен удар врз семејните буџети и сериозен пад на животниот стандард. Недозволиво е цените секојдневно да растат, а Владата да одбива да ги покачи платите и веќе две недели да не презема ништо за да ги заштити граѓаните – велат од СДСМ.
„Искрено, СДСМ и сега, меѓутоа и во континуитет во изминатиот период кога доаѓаше до ценовни шокови беше одговорна партија со одговорни пратеници и константно предлагавме мерки за подобрување на стандардот на граѓаните во овие ситуации. Или барем за ублажување на последиците од кризата, од кризите. Искрено не очекувам ништо од мнозинството на ВМРО- ДПМНЕ, нити очекуваме, бидејќи и до сега видовте што се случи со законот за минимална плата“, кажа Јон Фрчкоски – член на ИО на СДСМ.
ВМРО-ДПМНЕ возврати - СДС со Заев и Филипче, три пати ја зголемија акцизата на нафтата кога беа на власт.
-СДС бара минус 4 денари да се намали акцизата, а тие истите во самите закони напишале дека цената на акцизата може да се намали за 4 денари доколку прво имаме кризни и вонредни состојби и доколку цената на нафта по тон, значи не по барел, по тон е повеќе од 1200 долари. Во овој момент се уште цената не е таква. Во законите точно се си има пропишано, ги следиме и ќе одговориме соодветно, согласно тоа како ќе движи цената на нафта – пишуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Ако мерките на СДСМ беа добри, најверојатно на парламентарните избори ќе беа победници, а не губитници, рече министерката за финансии во синоќешното гостување на МРТ. Вели дека цените на горивата кај нас се пониски во споредба со дел од регионот и за тоа не може механички да ги преземаме мерките од други земји.
-Не можеме да ги споредуваме состојбите, да кажеме еве Србија реагираше, да реагираме и ние. Во Србија цената на акцизата е многу повисока, да не кажам речиси двојно од таа што е во Македонија. И ако ги погледнеме цените на горивата во Србија, во моментов се повеќе од 100 денари по литар. Она што е важно, е тоа дека ги следиме состојбите. Ние сега се уште имаме стабилна и ниска инфлација. Премиерот веднаш реагираше, да не кажеме и пред време. Имавме средби со компаниите кои тргуваат со нафта. Имавме средба со супермаркетите, дистрибутерите. Не оставивме нешто на случајност, па да кажеме стихијно се одвиваат работите – изјави Кочоска.
Експертите предупредија дека економските последици земјава ќе ги почувствува за една недела отсега и повикаа веднаш да се формира кризен штаб кој на дневна основа ќе ја следи состојбата. Цените на нафтата на светските берзи и денеска се нестабилни и се движат околу 110 долари за барел. Како овие вредности ќе се одразат кај нас, ќе се знае во понеделник кога Регулаторна ќе донесе нови цени на горивата.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар
