Македонија
25. August 2025 - 12:21

Реакции по скандалот на натпреварот Брегалница - Шкупи

Фудбалското игралиште во Штип вчера наместо спортска сцена се претвори во место на насилство. На пионерски натпревар меѓу Брегалница и Шкупи, родител на гостински играч втрча на теренот и физички нападна двајца малолетни фудбалери на домашниот тим.

Момчињата завршија во болница – едното со скршен нос, другото со повреди на главата и вратот. Наместо радост и спортско надмудрување, младинскиот натпревар беше прекинат со инцидент кој отвори сериозни прашања за безбедноста на спортските терени.

Министерството за внатрешни работи информира дека напаѓачот е приведен и против него ќе следуваат кривични пријави.

-Во СВР Штип било пријавено дека на игралиштето „Бело Брдо“ во Штип, за време на одигрување на фудбалски натпревар помеѓу младинските екипи на ФК „Брегалница“ од Штип и ФК „Шкупи“ од Скопје, А.А.(43) од Скопје, родител на фудбалер од ФК „Шкупи“, физички нападнал двајца малолетници од Штип, фудбалери на ФК „Брегалница“, и им нанел повреди.“

Генералниот секретар на Брегалница, Александар Иванов, изјави дека инцидентот се случил при крајот на натпреварот, при резултат 2:1 за неговиот тим, кога играч на Шкупи добил црвен картон.

ФК Брегалница преку соопштение остро го осуди нападот:

„НЕМА МЕСТО ЗА НАСИЛСТВО ВО СПОРТОТ! Најостро го осудуваме денешниот инцидент на натпреварот помеѓу ФК Брегалница и ФК Шкупи (2009- 2010 генерација). Спортот треба и мора да биде колевка на почит, култура и демонстрација на здрави навики. Не смееме да дозволиме ваква слика да се повтори на било кој фудбалски и спортски терен. Тоа треба да биде место за натпреварување и покажување на манири кои се учат од најмала возраст. На повредените деца им посакуваме брзо закрепнување и апелираме до институциите професионално да ја испитаат денешната случка и соодветно со највисоки казни да ги санкционираат виновниците.“

Слична реакција имаше и од Фудбалската федерација на Македонија, која најави дисциплинска постапка и соработка со институциите.

„Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) најостро го осудува инцидентот што се случи на натпреварот од младинските категории (генерации 2009/10) помеѓу екипите на Брегалница и Шкупи, кога група родители на гостинските фудбалери влегоа на теренот и физички нападнаа дел од домашните играчи. Ваквото однесување е целосно неприфатливо и претставува грубо нарушување на спортскиот дух, фер играта и безбедноста на младите фудбалери. Особено загрижува што едно од децата претрпе сериозни повреди, скршеници, како последица од нападот. ФФМ најавува дека надлежните органи ќе поведат дисциплинска постапка и ќе преземат соодветни мерки за сторителите на инцидентот. Ќе биде покрената дисциплинска постапка против ФК Шкупи и одговорните лица, со цел вакво недолично и опасно однесување никогаш повеќе да не се повтори. Федерацијата уште еднаш потсетува дека секој чин на насилство на спортските терени е недозволив и строго ќе биде санкциониран. Со насилство, од било кого и на било кое ниво, нема да има компромис. Нашата заедничка обврска е да создадеме безбедна и позитивна средина за развој на најмладите генерации фудбалери.“

Фудбалот не е и не треба да биде арена на физички конфронтации, туку поле каде што се соочуваат талентот, тактиката и спортскиот менталитет, реагираа и од Шкупи.

Како клуб со долга традиција и историја во нашата земја, ФК „Скопје“ апелира оваа ситуација да се надмине и ваквите инциденти да не се повторат во иднина. Духот на фер-плејот и љубовта кон фудбалот секогаш треба да бидат над сè друго, велат од клубот.