Речиси 64 илјади му требаат на четиричлено семејство за да ги покрие основните потреби, пресмета ССМ
Растат трошоците за живот. ССМ пресмета дека на едно четиричлено семејство му се потребни речиси 64 илјади денари за да ги покрие основните трошоци во мај – што е зголемување од 1.200 денари во споредба со минатиот месец. Најголемо поскапување има кај храната и пијалоците – над 950 денари. Со тоа, оваа ставка сега чини речиси 22.500 денари.
Повисоки цени имале облеката и обувките, а повеќе пари, според синдикатот, се потребни и за лична хигиена, здравје и транспорт.
„Евидентно е дека без мерки цените неконтролирано се зголемуваат, а предизвикот со високите цени особено на основните прехранбени производи прави огромен притисок врз ниските плати на работниците во Македонија. Во услови на зголемени трошоци за живот, зголемената вредност на Синдикалната минимална кошница особено по завршувањето на мерките на Владата упатува на тоа дека е потребен раст на платите“, велат од ССМ.
Премиерот денеска го повтори ставот дека ако анализите покажат нефер однесување, ќе има нови мерки.
„Потрошувачката кошничка зависи од однесувањето на трговските ланци, но и на снабдувачите, дистрибутерите и производителите. Ние рековме дека како Влада трикови нема да толерираме, но исто така не сметам дека сезонско овошје е јагоди, цреши, лубеници, за овој период од годината. Како и да е, ако забележиме неконвенционално однесување тогаш, се разбира, ќе делуваме како Влада“ – изјави Христијан Мицкоски, премиер.
Од СДСМ, пак, велат дека на економските политики на власта им се случил дебакл, а податоците од синдикатот се поразителни.
„Основните намирници стануваат луксуз а платите не мрдаат. Три минимални плати се потребни за да може да се преживее месецот. Животот е сѐ поскап, платите стојат, а мерки од владата – нема! Додека премиерот Мицкоски ги чека анализите и не знае колку се покачени цените, граѓаните тонат во сиомаштија. Се живее се потешко, се преживува со задолжувања и жртвувања. Дали министрите во Владата знааат колку чини да се наполни еден фрижидер?“ - Мартин Костовски, организациски секретар на СДСМ.
Цените и маржите на над илјада производи беа замрзнати до крајот на минатиот месец, а надлежните најавија засилени контроли на пазарниот инспекторат.
Анализата што ја направи Сител, според податоците од ССМ, покажува дека трошоците за храна и пијалоци во април биле најниски во последните 12 месеци, но кривата нагло отскокнува месецов и се приближува кон пикот во февруари кога беа забележани највисоки 23.500 денари.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар