Македонија
21. November 2025 - 12:13

Регионалниот развој, врвен приоритет за општините од Југоистокот

Регионалниот развој ќе биде главниот приоритет на десетте општини од Југоисточниот плански регион во периодот што следува. Ова го најави градоначалникот на Струмица, Петар Јанков, кој беше избран за нов претседател на Советот за развој на регионот.

Јанков истакна дека Центарот за развој на Југоисточниот плански регион ќе продолжи да работи со несмалено темпо, насочувајќи се кон реализација на големи и меѓуопштински проекти што ќе опфатат жители од повеќе општини. Според него, регионалниот пристап е клучен за обезбедување подобри услуги и поефикасно управување со ресурсите .

Покрај новите иницијативи, Центарот ќе продолжи и со реализација и унапредување на веќе започнатите проекти, со цел да се обезбеди континуитет и стабилен развоен напредок на Југоисточниот плански регион.

Советот за развој на Југоисточниот плански регион е тело во кое членуваат сите десет градоначалници од Југоистокот, а претседателот на Советот има мандат од една година.