Реконструкција на касарната Ќојлија
Нов покрив, водовод, канализација, ѕидови, простории и тоалети. Градежна офанзива во касарната Ќојлија. По години работа во дотраени услови, војниците треба да добијат значително подобри услови за работа и престој. Министеорот за одбрана денеска прошета со градежниците за да провери како се одвиваат градежните работи.
Според најавите, касарната треба да добие целосно нов изглед до септември.
„Се ќе биде променето, апсолутно се. Од под, нови прозорци, целосна реконструкција на целиот капацитет. 30 години времето си покажало“, изјави Владо Мисајловски, министер за одбрана.
Оваа касарна не е единствената на која и треба нов изглед. Протечени кровови и подобри услови се неопходни во касарните ширум државата. Но, приоритетите ги одредува Армијата.За реконстукцијата на оваа касарна се одвоени 10 милиони денари. А градежна офанзива има и во касарните во Велес, Штип и Прилеп.
Мисајловски најави дека капиталните проекти ќе продолжат со реконструкција на воениот стадион и спортските терени. Се подготвува техничка документација на Домот на Армијата со проценета вредност од околу десет милиони евра.
Министерот кој неодамна се врати од Самитот на НАТО во Анкара, вели дека една од главните теми таму била зголемувањето на инвестициите во одбраната. Според него, и најголемите земји-членки сè уште бараат начин и имаат дилеми како да ја исполнат целта за издвојување 5 проценти од БДП за одбранбени и безбедносни инвестиции.
Иако конечната цел на НАТО е до 2035 година сите сојузници да достигнат вкупно 5 проценти од БДП за одбранбени и безбедносни инвестиции, домашните власти велат дека Македонија постепено го зголемува темпото на вложувања, паралелно со модернизацијата на Армијата и подобрувањето на условите во касарните.
-
Габриела Лескова
Сите содржини од овој новинар
