Родители бараат регионални стоматолошки центри за деца со попреченост
Родители на деца со попреченост од Струмица покренуваат иницијатива за отворање регионални центри во внатрешноста на државата каде ќе се изведуваат стоматолошки третмани за оваа категорија пациенти.
Во моментов ваквите интервенции се изведуваат единствено во Универзитетскиот стоматолошкиот клинички центар во Скопје, што за многу семејства од другите градови претставува сериозен предизвик.
Коста Тимов, родител на дете со аутизам, вели дека нема забелешки ниту на стручноста ниту на третманот на клиниката, но главниот проблем е ограничениот капацитет.
Тимов додава дека освен добивање термин, за родителите товар плус претставува и патувањето до главниот град, кое покрај време значи и дополнителен стрес за децата, но и финансиски трошоци.
Од Министерството за здравство информираат дека се разгледува можноста за формирање вакви регионални центри, но посочуваат дека за тоа е потребно да се создадат соодветни услови.
„Станува збор за комплексни стоматолошки интервенции кои во најголем дел од случаите се изведуваат под општа анестезија и бараат соодветни просторни, технички и кадровски услови, како и присуство на мултидисциплинарен тим“, информираат од Министерството.
Оттаму додаваат дека за евентуална регионализација најпрво треба да се формираат специјализирани тимови од стоматолози по детска и превентивна стоматологија, обучени стоматолошки сестри и анестезиолози, како и да се обезбеди соодветна опрема и простор за безбедно изведување на интервенциите.
Во меѓувреме, пациентите со попреченост можат да закажат термин преку системот „Мој термин“ или телефонски, а во итни случаи им се пружа соодветна здравствена помош.
-
Зоран Ѓеоргиев
Сите содржини од овој новинар
