Рождество на Пресвета Богородица одбележано во манастирот Елеуса
Колона од стотици верници кои чекаа да влезат во малата манастирска црква и голем број запалени свеќи, ваква беше сликата во еден од најстарите и најзначајни манастири во Македонија, „Воведение на Пресвета Богородица Елеуса“ во Вељуса. Верници од различни краеви на државата дојдоа да го одбележат големиот христијански празник Рождество на Мајката Божја, но и да се помолат за себе и своите семејства. За сите нив, овој празник е посебен.
Во чест на празникот, синоќа во манастирот се одржа целовечерно бдение и служба посветена на Пресвета Богородица, а празничните литургии продолжија и во текот на денешниот ден. Отец Стоил од Струмичката православна епархија вели дека Пресвета Богородица е ризница на сите дарови на Светиот Дух и дека нема зборови со кои може целосно да се опише и воспее нејзината големина во Црквата.
И годинава, согласно традицијата, домаќините од манастирот организираа посебна празнична трпеза за сите присутни верници, како чин на благодарност и гостопримство, но и како можност празникот да се продолжи во заедништво, молитва и духовна исполнетост.
-
Зоран Ѓоргиевски
Сите содржини од овој новинар